Се очекува Талибанците да прогласат нов исламски емират на Авганистан во наредните денови, но прашањето е: Кој ќе ги признае?
„Денес е одличен ден за авганистанскиот народ и муџахедините. Фала му на Бога, војната заврши во земјата“.
Ова го изјави портпаролот на Талибанците Мухамед Најм, додвајќи дека на оваа победа се чекала 20 години.
Всушност, Талибанците чекаа 20 години САД да го напуштат Авганистан за да ја искористат можноста за напад.
Иако првично беше објавено за 11 септември, а потоа за 31 август поради симболиката на датумот, повлекувањето на американските војници започна во почетокот на овој месец. Тие, исто така, одлучија да заминат со празни раце, оставајќи ги зад себе воените бази полни со опрема, кои Талибанците сега ги наследија и ги користат во своите кампањи.
Талибанците сакаат мирно предавање на власта
Мухамед, исто така, рече дека тие првично сакале мирна транзиција на власта и не сакале да владеат со изолирана земја. Тој додаде и ќе ги почитуваат правата и слободите на жените и на малцинствата според шеријатскиот закон.
„Ги молиме сите земји и ентитети да седнат со нас за да ги решиме сите прашања“,
рече тој.
На талибанските борци им е наредено да покажат „понизност“ и да не повредуваат цивили ниту да уништуваат имот кога ќе влезат во Кабул.
Меѓутоа, изгледа дека граѓаните на Авганистан не веруваат во неговите зборови, бидејќи Кабул е во паника, што најдобро се илустрира со фотографиите од аеродромот, на кои се гледа како луѓето очајно се обидуваат да го напуштат градот, држејќи се за крилата на авион во движење, при што загинаа петмина цивили.
Тие се плашат дека Талибанците ќе се вратат на нивните сурови практики на наметнување на шеријатот или исламскиот верски закон. Во нивното претходно владеење во Авганистан од 1996 до 2001 година, на жените им беше забрането да одат на училиште и да работат и беа принудени целосно да го покриваат лицето надвор од домот. Имаше и казни, како каменување, камшикување и бесење, кои се применуваа на сите оние што ги кршат строгите верски закони.
Тие, исто така, стравуваат дека авганистанските девојки ќе бидат принудени да се венчаат со талибански војници, кои, според таа теорија, ќе им бидат доделени како награда за воениот успех.
Во Кабул, многумина почнаа да се подготвуваат за живот под строга исламска власт.
Авганистанските лидери формираа координативно тело за да се сретнат со Талибанците и да управуваат со трансферот на власта. Мула Абдул Гани Барадар, главен преговарач на Талибанците, рече дека муџахедините сакаат да изградат „отворена, инклузивна исламска влада“. Се очекува тие да прогласат нов исламски емират на Авганистан во наредните денови.
Кој би можел да ги признае?
Со оглед на тоа што САД, Германија, Канада, Велика Британија и многу други земји ги евакуираа своите амбасади и граѓани од Кабул, се заклучува дека, откако ќе се прогласи, оваа држава нема да биде меѓународно признаена.
Претходното владеење на Талибанците го признаа само четири земји: Пакистан, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Туркменистан.
Сепак, некои земји, како што е Кина, сугерираа дека можат да ги признаат Талибанците како легитимен режим.