Организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби, во изјава за телевизија Клан – Косово, изјави дека Албанците за првпат ќе добијат премиер во Македонија и покрај многуте пречки. Тој вели дека имаат добри планови за Насер Зибери, но не прецизира дали токму предизборниот кандидат за премиер на интегративците, ќе ја предводи владата во последните сто дена.
„Кандидатот ќе дојде како тек по четири години, ќе чекаме, но г. Насер Зибери, ние и нашите коалициони партнери, но верувам и Албанците, имаме многу добри планови за г. Насер Зибери, за кои верувам дека се согласува и тој и решението да биде прифатливо и поздравено од сите Албанци“,
изјавил Груби, а пренесува ТВ 21.
Насер Зибери, кој беше кандидат на ДУИ за прв премиер Албанец, денеска не сака да го каже својот став за политичкиот договор што вчера го постигнаа Зоран Заев и Али Ахмети.
„360 степени“ се обиде да добие одговор од Зибери на прашањето што мисли за договореното меѓу СДСМ и ДУИ, но тој рече дека нема да даде изјава.
„Ако е за изјава, не“,
ни рече Зибери во краткиот телефонски разговор денеска.

ДУИ и СДСМ, како што соопштија вчера партиските лидери, се договориле Заев да добие четиригодишен мандат на премиерската функција, а во последните 100 дена, ДУИ да предложи кандидат за премиер.