Насер Зибери, кој беше кандидат на ДУИ за прв премиер Албанец, не сака да го каже својот став за политичкиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, според кој, Зоран Заев ќе раководи со владата до сто дена пред следните избори, кога за премиер ќе дојде кадар на интегративците.
Еден ден откако Али Ахмети и Зоран Заев заеднички соопштија дека постигнале договор за нова владина коалиција, Насер Зибери одбива да ги коментира нивните изјави. „360 степени“ се обиде да добие одговор од Зибери на прашањето што мисли за договореното меѓу СДСМ и ДУИ, но тој рече дека нема да даде изјава.
„Ако е за изјава, не“,
ни рече Зибери во краткиот телефонски разговор.
Претходно, негов коментар се обиде да добие и весникот „Лајм“, но одговорот на Зибери е во сличен стил.
„Немам коментар“,
рекол тој за „Лајм“.
На прашањето од весникот дали тој се чувствува измамен од Ахмети, исто така, не дал одговор.
ДУИ и СДСМ, како што соопштија вчера партиските лидери, се договориле Заев да добие четиригодишен мандат на премиерската функција, а во последните 100 дена, ДУИ да предложи кандидат за премиер.
Во текот на вчерашниот ден за договореното меѓу Заев и Ахмети со реакција излезе и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, велејќи дека идната влада нема да го добие нивниот политички респект.
„ДУИ измами што го прекрши единственото предизборно ветување за албанскиот премиер и второ, народот го измами СДСМ, која пред изборите рече дека ‘во никој случај нема да се формира коалиција со ДУИ’“,
се вели во реакцијата на коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива.
Рекација имаше и ВМРО-ДПМНЕ, која смета дека новата владина коалиција меѓу ДУИ и СДСМ значи продолжување на криминал и корупција.
„Ќе потсетиме дека Заев за ДУИ пред изборите рече дека 5 пари не вредат, а ДУИ за СДСМ рече дека се криминалци. Значи, државата ќе добие влада која 5 пари не вреди и која е криминална“,
реагираше ВМРО-ДПМНЕ.