Вицепремиерот Артан Груби попладневно даде интервју за Дневникот од 18:00 часот на ТВ Канал 5, негов прв јавен настап отако пред неговиот дом беше запалено луксузното возило „ауди А6“ кое го користел тој, но не се водело на негово име
Груби изјави и дека се надева дека „многу, многу брзо“ ќе бидат откриени и извршителите и нарачателите на делото, според информациите кои тој ги имал. За изјавите како онаа на Христијан Мицкоски, дека станувало збор за криминална пресметка, Груби побара лидерот на опозицијата да даде детали за потребите на истрагата
Вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби, доцна попладнево го имаше првиот јавен настап откако засега непознат сторител му го запали возилото кое го користел пред неговиот дом. Во Дневникот на Канал 5 од 18:00 часот, Груби доби 20 минути за да ја раскаже својата страна на случувањата, но и да одговори на некои од отворените прашања по настанот.
Почетокот на интервјуто го одбележаа прашањата за мотивот за нападот.
Груби како жртва на опозицијата и на медиумите
Вицепремиерот не се колебаше и уште од старт објасни дека мисли оти мотивот за нападот е политички. И не само тоа, практично ги вовлече и опозицијата и медиумите во создавањето на атмосферата која охрабрила еден таков чин.
„Имам препоставка во однос на тоа дека во последните три години сум секојдневна мета на оркестрирано, тендециозно, вербално насилство од страна на опозицијата, од страна на одредени медиуми, исто така, секојдневно тендециозно известување околу моето име, околу ДУИ, нели уште од првиот ден кога станав прв вицепремиер почна со приказните кој всушност ја води Владата, дали е тоа премиерот, претходниот или тоа е Артан. Или тоа е ДУИ, прават сè што сакаат во Владата. Па почнаа со други измислувања на приказни…
Постојано, вербалното насилство од опозицијата мислам дека поттикнува луѓе, создава атмосфера и да те види некој на улица, да те навреди или да ти префрли нешто. Истото насилство се случуваше со моите деца во училиштата. Они се во јавни училишта, не се во приватни училишта. Сите три мои деца. И дојде до ова. Многу немил настан, пред мојот стан. Јас живеам во зграда, во многу скромна зграда, среде Чаир. Таму сум цел свој живот. Моите родители се на 50 метра од мене и се случи пред моја тераса, пред мојата зграда…“,
изјави Груби.
Артан Груби сепак не сакаше да каже и во кого конкретно се сомнева како извршител на нападот. Тоа го остави на институциите и во неколку наврати се заблагодари за нивниот ангажман.
Сторителот многу, многу брзо ќе се најде
Но, одговарајќи на едно од прашањата, остави впечаток дека редовно е информиран за текот на истрагата и преземените дејствија и дека „се надева“ дека многу бргу ќе бидат пронајдени и сторителите и нарачателите.
„Сакам да им се заблагодарам многу, посебно на сите служби за безбедност во нашата земја. Сакам да им се заблагодарам и на претседателот на Владата, претседателот на државата, на министерот за внатрешни работи, на сите колеги министри и на институциите кои преземаа многу серозна работа затоа што се смета дека е напад врз институцијата, не само врз приватна личност…
Се надевам дека многу, многу брзо (ќе се најде и сторителот и извршителот н.з.), по тоа што јас го знам и по тоа што гледам како работат институциите, и морам да кажам, сакам да им честитам и да им се заблагодарам, дека преземаа огромна операција, не само во Чаир, во Скопје, туку на сите страни и имаат добри индикации и добра соработка и МВР и АНБ и Агенција за разузнавање и сите институции, така што сакам да изразам голема почит кон нив…“
изјави Артан Груби.
Истрагата да го повика Мицкоски за исказ
Иако одби да посочи виновници, Груби јасно стави до знаење дека нотирал дека одредени опозициски политички субјекти не го осудиле чинот на насилство. Кажа дека такво нешто очекувал дури и од т.н. „огнена група“. А на обвинувањата од БЕСА дека зад нападот стојат други интереси, а не политички, Груби кажа дека „тој што има криминален ум би размислувал така“. За изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој повика на расчистување на случајот, но и оцени дека станува збор за „криминална пресметка“, Груби ја повика истрагата да го повика Мицкоски на исказ.
„Очекувам институциите на земјата да го повикаат и да даде исказ, од каде се тие наводи дека било криминална пресметка. Јас сум убеден дека има политичка позадина и е резултат на тригодишното вербално насилство кон мене и кон ДУИ“,
изјави Артан Груби.
Како Груби користел возило кое не е негово, а патем станува збор за луксузен седан „ауди А6“, ќе се навратиме во следниот текст.