Партискиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска одржа прес конференција на која уште еднаш ја обвини власта дека Регулаторната комисија за енергетика ја поскапела струјата под влијание на извршната власт.
Како што вообичаено е редот, откако Арсовски ги соопшти ставовите на партијата поради кои и беа поканети медиумите, новинарите добија можност да постават прашања.
Првата серија прашања беше – каде е Мицкоски, зошто го нема на прес конференција откако се постигна договор за влада и што со барањата за негова оставка.
„Во однос на тоа прашање, за барањето на оставка од поранешни функционери кои што одлучиле да слугуваат на Зоран Заев, наместо да се борат против неговиот криминал не би имале што повеќе да додадеме и веќе неколку пати го имаме кажано нашиот став. Претседателот на партијата господинот Мицкоски е тука со секојдневните свои тековни обврски.“,
одговори Арсовски.
Партискиот портпарол не беше дециден и на друго актуелно политичко прашање, а тоа е гласањето за избор на нова влада. Запрашан, дали партијата ќе гласа или ќе ја бојкотира седницата на Собранието за избор на Влада, тој одговори.
„Тука би имал само да додадам дека се работи за ненародна, криминална влада со транзициски кадри која што секако не ја добива довербата на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи е една од најкриминалните влади со најкриминалните кадри, истрошени транзициони кадри кои што ги има Република Македонија. Но, за начинот на дента на гласање ќе бидете дополнително известени“,
изјави Арсовски.
Иако партијата денеска не ги коментираше дополнително барањата за оставка на Мицкоски, бројот на членови на партијата кои јавно го бараат тоа и понатаму се зголемува. Утрово тоа го стори Марина Кавракова, актуелна Претседателката на Градскиот комитет на Унијата на жени во Скопје и членка на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа потсети што кажал и ветил Мицкоски на Конгресот кога беше избран за претседател и каква е реалноста денеска.
Мицкоски во говорот на Конгресот, но и подоцна, постојано повторуваше дека главна цел му е консолидација на партијата и победа на следните парламентарни избори. Велеше дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба да исполнува три основни столба: да биде лик што ќе биде прифатен од сите граѓани, да има позитивен рејтинг во јавноста и да биде прифатен од меѓународната заедница… Денес од оние фамозни три столба кои сам си ги постави како услов за успех, не исполнува ниту еден од нив. Токму затоа е време за оставка и за свикување вонреден конгрес.“
соопшти Кавракова.