Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, денеска повторно ја нападна власта дека со поскапувањето на цената на електричната енергија им се прави „услуга“ на енергетските компании. Сепак, нивното обраќање до јавноста сугерира дека најголем ќар од новата цена ќе има ЕВН.
„Доколку цената на електричната енергија останеше иста, т.е. не се зголемеше, енергетските компании во 2020 година ќе оствареа приход од: 16 106 756 099 денари. Со зголемувањето од 7,4% овој приход за истата енергија ќе биде 17 303 879 863 денари. Или разликата во остварениот приход поради зголемување на цената изнесува 1 197 123 764 денари што претставува 19 370 935 илјади евра“,
изјави партискиот портпарол Димче Арсовски.
Одлуката за цената на струјата во Македонија ја носи Регулаторната комисија за енергетика, која е независно тело. Сепак, според Арсовски, постои „оправдана причина“ јавноста да се сомнева во постапките на регулаторот, бидејќи нивната независност била нарушена со доаѓањето на власт на СДСМ.