Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски вели дека Христијан Мицкоски е во партиското седиште и си работи како претседател на партијата, но не сакаше да коментира за повиците за негово повлекување и свикување на вонреден конгрес со образложение дека веќе одговарале на такви прашања.
„Веќе одговорив на ова прашање пред неколку дена, но ќе го повторам уште еднаш. Претседателот Мицкоски е тука во партијата со своите секојдневни редовни обврски коишто ги обавува како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. А во однос на повиците за вонреден конгрес веќе одговоривме на тоа прашање и мислам дека не би имале потреба да се преповторуваме“,
изјави Арсовски на денешната прес-конференција.
Одговор за конгресот пред неколку дена даде членот на Извршниот комитет на партијата, Орце Ѓорѓиевски велејќи дека нема до ВМРО-ДПМНЕ никој не поднел такво барање, а ако некој поднесе партиските органи ќе го разгледаат и ќе одговорат.
Од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес, во кој има и поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ, денеска повторно го повикаа Мицкоски да не се крие.
Изминатите денови, иницијативата за повлекување на актуелниот претседател на опозициската партијата ја поддржаа и членови на ВМРО-ДПМНЕ од Аеродром и Карпош.