Новите директори треба да бидат луѓе коишто и понатаму ќе продолжат одговорно и чесно, со интегритет да си ја извршуваат својата функција, да не слушаат луѓе коишто сакаат преку нив да си ги исполнуваат своите политички амбиции, порача градоначалничката
Откако сите директори на скопските јавни претпријатија кои беа кадри на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата си поднесоа оставки, градоначалничката Данела Арсовска денеска порача дека Градот Скопје ќе продолжи да функционира како и досега.
„Градот Скопје ќе функционира како и досега. Меѓутоа, јас верувам дека со личности коишто ќе имаат нешто повеќе интегритет од овие коишто видовме дека единственото нешто што ги интересира се политички мотивирани заднини“,
рече Арсовска.

Градоначалничката вели дека директорите што си заминуваат самите кажале доволно за тоа што се случувало изминатиот период.
„Малку се контрадикторни, од една страна имале целосна слобода да реализираат многубројни проекти коишто ги набројуваат, а од друга страна укажуваат на некаков недостиг на комуникација“,
рече Арсовска.
На граѓаните им е јасно, додаде таа, дека тие беа таму да си ја работат својата работа одговорно и чесно.
„Но, доколку нивните партиски лидери се тие коишто ќе им диктираат како да постапуваат во животот, јас морам да кажам дека е голема штета за граѓаните коишто очекувале нешто повеќе од нив“,
рече Арсовска.
Во однос на прашањето дали ќе има нови в.д. директори на испразнетите места, Арсовска рече дека има законски рокови во коишто се она што треба да се направи ќе биде завршено.
„Сите тие луѓе треба да бидат луѓе коишто и понатаму ќе продолжат одговорно и чесно, со интегритет да си ја извршуваат својата функција, да не слушаат луѓе коишто сакаат преку нив да си ги исполнуваат своите политички амбиции и верувам дека ќе го постигнеме тоа во следниот период и резултатите ќе бидат евидентни“,
рече градоначалничката.
Таа, како што вчера соопштија и од нејзиниот кабинет, ги отфрли како неточни информациите дека обвинителството влегло во Град Скопје, откако такви наводи беа објавени во дел од медиумите. Единственото нешто кое во моментов се истражува, како што рече, е во „Водовод и канализација“.
Токму разрешувањето на поранешниот директор на ова јавно претпријатие, Златко Перински и на генералниот секретар на градот, Ѓоко Велковски, беше причина Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ веќе втора недела јавно да се конфронтираат. Разрешувањето на двајцата функционери во градската администрација, како што објави пред две недели Арсовска, е поради самоволие и сомнежи за влијание во тендер за пречистителна станица вреден 136 милиони евра.
Откако и ВМРО-ДПМНЕ јавно ја нападна градоначалничката што ја поддржа на ланските локални избори следуваа оставки од останатите нивни кадри. Прво, функциите ги напуштија директорите на „Градски паркинг“, Бојан Христовски, и на „Дрисла“, Јане Мицевски.
Потоа се повлекоа уште тројца директори од ВМРО-ДПМНЕ: на „ЈСП турс“ – Филип Василевски, на ЈП „Улици и патишта“ – Борис Настов и на „Лајка“ – Воислав Димитровски.
Сите излегоа со слични објаснување односно дека си одат поради несоработката со градоначалничката и неисполнување на ветувањата од кампањата.
Арсовска, пак, на Фејсбук напиша дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.
Последната во низата оставки, пак, беше поднесена вчера од директорот на „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, кој е кадар на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.