За овој проект, нагласи градоначалничката, потребни се и пари односно да биде финансиран од страна на Градот бидејќи ЈСП нема како да генерира приход. А, за да добие помош од Градот, пак, потребна е поддршка од советниците
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во гостувањето во „Вести плус“ на Канал 5 ТВ рече дека воведувањето на бесплатен јавен превоз, што беше едно од нејзините главни ветувања во изборната кампања поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, е директно поврзана со набавката на нови автобуси, за кои таа не доби поддршка од членовите на Советот.
Вториот услов, нагласува таа, е што за тоа понатаму ќе треба да гласаат и советниците, како и да дадат зелено светло за дотации за ЈСП од градскиот буџет за да може ова јавно претпријатие да генерира пари и да опстои.
„Бесплатниот јавен превоз е директно поврзано со набавката на 250 нови автобуси за нашите жители затоа што вие не можете да воведете бројни нови линии, не можете да направите онаква инфраструктура и тоа што е неопходно за нашите жители ако немате соодветни превозни средства со кои треба да се имплементира бесплатниот јавен превоз. Знаете дека еве од утре да почне таков проект замислете кој ќе биде напливот на лица кои ќе сакаат да го користат јавниот превоз, а вие немате со што да им ја овозможите оваа услуга. Пред сè, истата покрај тоа што треба да биде еколошка, треба да биде безбедна и сигурна“,
рече Арсовска.
Во однос на финансиите со кои би опстојувало ЈСП, таа рече дека минатата година имало сериозни проблеми бидејќи не се дотирале пари иако за споредба претходните години имало дотации. За ова таа посочи примери дека во време на ковид-кризата кога јавниот превоз не се користел во толкав обем Градот дотирал, а имало и помош и од централната власт. Сега, на тие пари Арсовска и ЈСП не може да сметаат.
„ЈСП мора да функционира врз одржување кое ќе биде финансирано од страна на градот. Тоа нема сопствени средства од каде да генерира, а ако не бидат наплаќани од граѓаните и покрај тоа што имаме едни од најниските тарифи за јавен превоз во овој дел од светот, сепак за да го воведеме тој бесплатен јавен превоз тоа ќе треба да го покрие градот и да биде соодветно буџетирано – советниците треба да го гласаат“,
рече Арсовска.