Како причина за смената на директори, од Градот Скопје го наведоа истекот на мандатот на досегашните кои беа назначени за в.д.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, најави нова смена на директори во дел од скопските претпријатија.
Нови лица на директорските позиции ќе добијат Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Зоолошката градина и Младинскиот културен центар (МКЦ), соопштија утринава од Град Скопје преку писмено соопштение. Како причина за смената на директори, од Градот го наведоа истекот на мандатот на досегашните кои беа назначени за в.д.
Па така, досегашниот в.д. директор на Зоолошката градина, Драган Илиевски, Арсовска сега го назначи на челната позиција на скопски „Водовод“, на местото на досегашниот в.д. директор на претпријатието, Марјанчо Митовски.
„За нов директор на ЈП ‘Водовод и Канализација’ е назначен Драган Илиевски, кој е машински инженер со повеќе од 20 години работно искуство. Досегашниот директор Марјанчо Митовски, кој на позицијата беше назначен од редот на вработените, продолжува со ангажман како секторски директор на претпријатието“,
се вели во соопштението на Град Скопје.
Илиевски беше назначен за директор на Зоолошката градина во август минатата година, по разрешувањето на дотогашниот директор Кристијан Стаменов откако во Зоолошката беа убиени десет коњи чие месо било искористено како храна за лавовите.
„Нов директор на Зоолошката градина е Зоран Попов, кој доаѓа од редот на вработените. Попов е економист со 20-годишно работно искуство“,
додаваат од Градот.
Митовски од „Водовод“, пак, на директорската позиција на претпријатието беше пет месеци, по назначувањето во септември лани. Тој дојде на местото на Златко Перински кој Арсовска го разреши од функцијата по кавгата за милионскиот тендер за пречистителната станица.
Во соопштението што утринава го испратија од Градот Скопје се додава дека е разрешен и досегашниот директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), Ванчо Богоев, а на негово место ќе дојде нов кој ќе биде избран по евалуацијата на биографиите за позицијата.
Дополнително, од Градот додаваат дека досегашната директорка на „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, е со нов мандат и ќе продолжи да ја извршува функцијата директор на ова претпријатие.