Новата градоначалничка, на денешниот брифинг со новинари, четириесетина дена по преземањето на функцијата, изјави дека „ЈСП е тежок загубар“ и дека во моментов се работи на реорганизација на претпријатието за да може потоа етапно да се воведе бесплатниот јавен превоз
Новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, на денешниот брифинг со новинари, четириесетина дена по преземањето на функцијата, кажа дека проектот за бесплатниот јавен превоз кој го вети во предизборната кампања ќе се реализира за две години. Таа изјави дека „ЈСП е тежок загубар“ и дека во моментов се работи на реорганизација на претпријатието за да може потоа етапно да се воведе бесплатниот јавен превоз.
„Ревизијата на ЈСП Скопје е започната, се детектираат сите слабости во работењето на ова претпријатие. Како што знаете ова претпријатие е тежок загубар, а целта на новото раководство е да овозможи претпријатието да работи со оптимално намалување на трошоците, зголемување на приходите и овозможување на непречено функционирање со сето она што може да се направи во следниот период“,
изјави Арсовска.
Таа најави дека претпријатието најпрво треба да се справи со долговите, а потоа да се воведе бесплатниот превоз, првично на оние категории на граѓани на кои им било ускратено ова право и како крајно го наведе изнаоѓањето начини за детектирање на финансиски средства преку донатори за набавка на првата транша на автобуси.
Во однос на стопирање на проектот „Бас Рапид Транзит“ (БРТ), кој беше план за решавање на проблемот за јавниот превоз, започнат од нејзиниот претходник, Арсовска изјави дека покрај сите проблеми кои веќе се познати за самиот БРТ систем, кај него посебно проблематично е што е донесен без да биде изгласан од Советот на Град Скопје.
„Морам да кажам дека она што го видовме тука, од аспект на решението кое што беше презентирано во јавноста како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно, туку е и на штета на граѓаните на градот Скопје. Пред се затоа што за тој БРТ превоз, нема одлука од Советот на Град Скопје“,
порача Аросвска.
Арсовска додаде дека ЈСП „Скопје“ ја започна реализацијата на проектот од предизборната програма „Скопје без заборавени населби“, односно, продолжување на автобуските линии од линискиот превоз онаму каде што ги нема. Таа истакна дека во финална фаза е воведувањето на ноќни линии и воведувањето зачестени линии на локации каде што е тоа потребно.
Меѓу другото, на денешниот брифинг Арсовска изјави дека во тек е голема акција за чистење на депониите во Скопје, а дека до овој момент речиси сите депонии се исчистени
„Преку пријави и комуникација со граѓани од сите населени места претходно детектиравме околу 120 диви депонии. Чистењето го реализираме преку нашите јавни претпријатија и во соработка со дел од општините во Скопје, а до овој момент речиси сите депонии се исчистени. Оваа заедничка акција за чистење на дивите депонии ја спроведуваме за доброто на сите граѓани и за првпат се случува во олкав голем обем“,
додаде градоначалничката Арсовска.