На мостот ќе треба да се направи одредена санација која се однесува на козметичко рефреширање на она кое што е паднато во делот на бетонот. Во суштина нема ништо кое што влијае на стабилноста, сигурноста и безбедноста и тоа е она коешто е најважно за нас, вели градоначалничката

Наредната недела мостот „Беласица“ ќе може да биде пуштен во употреба за пешаци и возила, вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Денеска ми јавија дека се готови со сите испитувања кои се направени и дека мостот ‘Беласица’ ќе се санира многу брзо и едноставно. На мостот ќе треба да се направи одредена санација која се однесува на козметичко рефреширање на она кое што е паднато во делот на бетонот. Во суштина нема ништо кое што влијае на стабилноста, сигурноста и безбедноста и тоа е она коешто е најважно за нас“,
рече Арсовска во вечерашното гостување во вестите на ТВ Сител.
Според Арсовска на мостот „Беласица“ не смееле да се постапуваат додека МВР и Јавното обвинителство не ги приберат доказите за оној кој е сторител на ова кривично дело да биде фатен и санкциониран.
„Во оној момент кога ние ја добивме од нив информацијата дека се што им е неопходно е прибрано од терен ние истиот ден ангажиравме вешти лици кои почнаа со анализите и испитувањата за да се види дали има некакви измени, дали нешто од пожарот влијаело на тоа да има некакво оштетување“,
додаде таа.
Арсовска вели дека по затворањето на мостот „Беласица“ јавноста била сведок на сериозна пропаганда и на изјави дадени од, како што вели, некаква си екпертска јавност.
„Со мостот Беласица повторно сме сведоци на една сериозна пропаганда и небулозни изјави кои беа дадени уште пред да се направат анализите и испитувањата за тоа дали има и колкави се оштетувањата на тој мост. Тие изјави беа дадени од некаква си експертска јавност. Несериозно е деканот на Градежниот факултет, кој седи дома, и некој експерт кој го погледнал мостот од 50 метри далечина да даваат некакви квалификации дека мостот ќе треба една година да се санира или, пак, да се урива и да се прави нов“,
рече Арсовска.
Градоначалничката посочи дека сите мостови коишто ги има во Град Скопје и се во нивна надлежност редовно се одржуваат.
„На некои од нив треба да се направи некоја козметичка санација меѓутоа, генерално се безбедни, сигурни за движење“,
рече таа.
Пожарот на мостот „Беласица“ избувна ноќта меѓу 11 и 12 мај, а од Противпожарната единица изјавија дека запалена била електрична инсталација и топловодните цевки кои поминуваат под мостот.
