Моќта на службените лица во вонредна состојба се зголемува, а поради тоа се зголемуваат и ризиците од намерни грешки, но Кривичниот законик во ниту еден случај, ниту во услови на вонредна состојба, не ги ослободува од одговорност лицата што ја злоупотребиле позицијата и не работеле во согласност со прописите, вели во интервју за МИА директорката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска.
Ивановска посочува дека заедно со Платформата на граѓански здруженија за борба против корупција проценила дека се зголемени ризиците од случајни или намерни грешки во вршењето на службената должност на одговорни лица во државните органи, особено во процесите на итни јавни набавки и користење на донациите.
„Од тие причини се преземаат активности за следење на содржината на процесите, транспарентноста и отчетноста на одговорните лица како и следење на реализацијата на уредбите со сила на закон и мерките што Владата и институциите ги носат во овие вонредни услови, а особено на оние кои вклучуваат трошење на буџетски средства и користење на донациите, а во насока на заштита на здравјето на граѓаните и економската состојба на земјава“,
вели Ивановска.
Претседателката на Антикорупциската комисија посочува дека институциите во реализација на постапките на владините уредби со законска сила особено е важно да воспостават механизми за контрола и отчетност.
„Се следат уредбите со законска сила, особено оние по кои следува упатство или правилник за нивно спроведување. Понатаму, се врши проценка на ризиците во смисла да се утврди можноста за двосмислено толкување, спротивно на идејата и целта што се сакало да се постигне, како и дали е предвидено разграничување на должностите и одговорностите со цел да се намали ризикот од концентрирана моќ. На крајот, со тестови на усогласеност се утврдува како функционира тоа што е предвидено во уредбите, упатствата и правилниците“,
објаснува Ивановска.
Таа порачува дека потребна е и повисока јавна свест за да се прекине спиралата на корупција, а доколку граѓаните се најдат како сведоци на коруптивни активности апелираше да пријавуваат.