Начинот на кој се настојува да се извршат измените во Изборниот законик, ДКСК го оценува како суштинско нарушување на владеење на правото, наспроти декларативната заложба на политичките партии за негово унапредување
Зголемување на прагот на собрани потписи за поднесување на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник кога подносител е група избирачи, според ДКСК, е класичен пример на политичка корупција
Државната комисија за спречување на корупцијата реагира на предлог-измените на Изборниот законик и ги оценува како проблематични по повеќе основи. Оттаму велат дека самите законски интервенции, кои се случуваат непосредно пред локалните изборни, се спротивни на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на добрите практики со кои се препорачува стабилна изборна рамка.
„Имено, Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР укажува дека промените на Изборниот законик во 2017 година, донесени во скратена постапка, без широки консултации, се во спротивност со обврските што произлегуваат од членството во ОБСЕ и се препорачува стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики, но и да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување“,
пишува во соопштението на ДКСК.
Антикорупционерите се осврнуваат и на законската измена со која се подига прагот за поднесување независни листи на 2 процента и велат дека за тоа веќе добиле иницијатива од Граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, која брои 20 граѓански здруженија.
Оттаму додаваат и дека носењето на измените во Изборниот законик по „ултра“ скратена постапка се спротивни на мерките и активностите, што во рамките на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК ги доставила до Собранието и Владата, како институции задолжени за нивно реализирање.
„Забрзаниот и нетранспарентен начин со кој Владата на РСМ, Собранието на РСМ и поголемите политичките партии се обидуваат да го зголемат прагот на собрани потписи за поднесување на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник кога подносител е група избирачи, од аспект на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК го оценува како класичен пример на политичка корупција. Предложените измени ќе овозможат зголемено влијание на политичките партии врз советниците при носење на одлуки во интерес на партиски цели, со истовремено намалување или анулирање на учеството и влијанието на поединци и граѓанските здруженија во општинските совети при носење на одлуки кои директно се однесуваат на квалитетот на животот на граѓаните во една општина“,
велат од ДКСК.
Од ДКСК велат дека и покрај дадените препораки и досегашното постапување на повиканите институции за нивно спроведување, начинот на кој се настојува да се извршат измените во Изборниот законик, според нив, е суштинско нарушување на владеење на правото, наспроти декларативната заложба на политичките партии за негово унапредување.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Подигнување на прагот за независни листи е одлика на режимски земји, реагираат од „Зелен хуман град“
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Прагот од два процента за независни листи е компромис што го одразува расположението на партиите, вели Маричиќ