Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците попладнево не го утврди дневниот ред на седницата на која требаше да расправа за предлог-измените и дополнувањата на Изборниот законик, откако тие претходно влегоа во собраниска процедура по скратена постапка, како дел од дневниот ред на 49. седница на Собранието
Претседателката на Комисијата, Соња Мираковска, за МИА изјави дека за измените се поднесени 500 амандмани. Главна причина да се прекине работата на Комисијата, како што рече, биле поднесените амандмани и потребата да се средат материјалите, но и да се остави повеќе простор за изјаснување на пратениците по упатените забелешки.
Според Мираковска, се очекува седницата да продолжи утре, откако ќе се подготват материјалите.
Измените и дополнувањата на Изборниот законик се предложени од пратениците Јован Митрески, Александар Николоски, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Скендер Реџепи. За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијансата за Албанците, помалите политички партии и претставници на независните листи се против измените.