Изборниот законик ги фаворизира четирите најголеми партии – двете најголеми од власта и двете најголеми од опозицијата, реагира пратеничката и лидерка на ДОМ, Маја Морачанин, откако предлог-измените на Изборниот законик влегоа во собраниска процедура.
Во период од неколку часа, во кои предлог-измените на Изборниот законик беа доставени до пратениците, експресно се најдоа на седница и беше усвоена потребата од нивно донесување во скратена постапка, Морачанин вели дека успеала да поднесе пет амандмани. Едниот се однесува на одредбата со која се предвидува за кандидатура на независна листа услов да биде да се соберат потписи од најмалку два отсто од вкупниот број избирачи во конкретната општина или Град Скопје.
„Два процента е превисоко, ако веќе се инсистира да има некаков праг, тој треба да биде помал. Препораката на ОБСЕ е дека тој треба да биде најмногу еден процент, а со еден од амандманите кој успеав да ги поднесам предлагам прагот да биде 0,5 проценти“,
вели Морачанин.
На истото реагираа и најголем дел од останатите помали политички партии, но и граѓанските активисти кои веќе најавија дека ќе истрчаат на изборите како независни.
Уште една забелешка за која Морачанин поднела амандман е прагот од три проценти за отворените листи. Имено, тој праг предвидува дека доколку некој од кандидатите добил гласови од најмалку три отсто од вкупниот број на запишани гласачи во една општина, тој да се помести погоре на листата.
„Доколу редниот број на некој од кандидатите добил гласови од над 3% од вкупниот број на запишани гласачи во изборниот список на соодветната општина, односно кандидатите што имаат добиено над 3% гласови, сразмерно на освоените гласови ќе се поместат на листата и ќе го заземат местото на кандидатот/кандидатите кои имаат добиено прв најголем пресметан количник, а испаѓаат кандидатите со најмалку добиени количници според Д’Хондовата формула согласно со членот 130 од овој законик“,
гласи одредбата од предлог-измените.
Морачанин смета дека прагот во ваков случај не е потребен, но ако веќе се инсистира да има некаков праг, тој процент нека се пресметува од добиените гласови што ги добила една листа, а не од вкупниот број на гласачи во една општина. Целта, вели таа, е да има натпревар и помеѓу самите кандидати на една листа.
Како трета клучна забелешка што ја има лидерката на ДОМ е распределбата на буџетските пари за финансирање на кампањата. Таа смета дека актуелниот предлог ги фаворизира најголемите две партии од власта и две од опозицијата (СДСМ и ДУИ од власта и ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците од опозицијата), бидејќи предвидува двете најголеми партии во власта да може да користат најмногу 45 отсто од средствата, а ист е процентот и за две најголеми во опозицијата. Остатокот од само 10 проценти, пак, треба да си го распределат помалите политички партии, вонпарламентарните партии и независните листи.
Попладневната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, каде требаше да се разгледуваат предлог-измените е одложена откако неколку пратеници реагираа дека седницата е свикана на брзина.