Измените во Изборниот законик, на предлог на петмина пратеници по скратена постапка, веќе се на дневен ред на собраниска седница. Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, побара да се тргне точката од дневен ред, но мнозинството пратениците беа против.
„Не е дозволиво да се менува Изборниот законик пред денот на распишување на избори“,
кажа Апасиев, чиј предлог не беше усвоен.
Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, обвини дека вонредно е свикана седницата и набрзина се туркаат системски измени.
„Во 14 часот и 53 минути добивме известување дека има седница. Јас мислам дека треба да прогласиме воена состојба, вакви системски промени налагаат неопходна широка консултација. Не е можно со таква брзина да се поднесат амандмани“,
кажа Трајанов.
Спикерот Талат Џафери кажа дека деловнички е седница да се свика во пократок рок од 10 дена. Пратениците веќе го усвоија дневниот ред.
Измените во Изборниот законик се трета точка на дневниот ред.
Предлогот за овие измени е на пратениците Јован Митрески (СДСМ), Александар Николоски (ВМРО-ДПМНЕ), Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ), Арбер Адеми (ДУИ) и Скендер Реџепи (Алтернатива).