Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту, пак, Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Сè додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција, реагира Анѓушев по одлуката на Малта да му ја прекине функцијата почесен конзул, откако САД го ставија на „црната листа“
Не сум во можност, ниту, пак, Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Сè додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција, реагира бизнисменот Кочо Анѓушев откако Малта му ја прекина функцијата почесен конзул во земјава. Ваквата одлука на Малта следува откако САД го ставија Анѓушев на „црната листа“ поради „неговата вмешаност во значителна корупција“.
„Се заблагодарувам на пријателска Малта за честа да бидам почесен конзул на членка на ЕУ во Северна Македонија од 2021 година. Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту, пак, Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Сè додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција. Одлуката за ограничување на влез во САД е нешто што се однесува лично на мене и со тоа прашање треба да се носам јас лично, без за тоа да имаат негативни последици пријателски држави, личности, бизнис-соработници или институции“,
се наведува во реакцијата на Анѓушев.
Тој вчера, како што посочува во реакцијата, лично го информирал министерот за надворешни работи на Малта за новонастанатата состојба, „како и за мојата определба да ги искористам сите пропишани можности во правец на издржано и основано преиначување на оваа одлука на администрацијата на пријателските Соединети Американски Држави“.
„Министерот ме информира дека Малта одблиску ќе го следи развојот на настаните и дека во тој контекст ќе го земат предвид секој позитивен исход. На министерот Борг му изразив благодарност за можноста и честа во еден период да служам во интересите на држава членка на ЕУ и на интересите на нашите две земји“,
додава Анѓушев во реакцијата.
Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев веќе не е почесен конзул на Малта. Оваа функција, на која беше именуван во 2021 година, му е прекината од страна на Министерството за надворешни работи на Малта веднаш по обелоденувањето на информацијата дека тој е ставен на „црната листа“ на САД,.
Анѓушев беше на чело на конзулатот на Малта во Скопје од октомври 2021 година по одобрение од владата на Малта. „Тајмс оф Малта“ пренесе изјава од портпаролот на тамошното Министерство за надворешни работи, кој вели дека никогаш не добиле никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.
„Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања“,
додава тој.
Анѓушев пред два дена се најде на американската „црна листа“ поради „неговата вмешаност во значителна корупција“. Одлуката беше објавена на веб-страницата на американскиот Стејт департмент.
„Соединетите Држави го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите Држави поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопа довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси“,
се наведува во одлуката.
Освен на Анѓушев, забранет им е влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на нивните деца Ангел и Огнен.
Анѓушев, пак, ги негираше сите сомневања на Стејт департментот и најави жалба на одлуката.
Во реакцијата тој посочи дека во текот на неговиот мандат во Владата на Република Северна Македонија од 2017 до 2020 работел со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата и во интерес на македонската економија и на демократските принципи.
„Јас имам фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и сум американски даночен обврзник, односно јас плаќам данок во Соединетите Американски Држави и сум партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД“,
вели тој меѓу другото во реакцијата.
Анѓушев ги негира сите сомневања на Стејт департментот и најавува жалба на одлуката