Анѓушев во реакцијата по неговото ставање на американската „црна листа“ вели дека во текот на неговиот мандат во Владата на Република Северна Македонија од 2017 до 2020 работел со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата и во интерес на македонската економија и на демократските приници
„Јас имам фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и сум американски даночен обврзник, односно јас плаќам данок во Соединетите Американски Држави и сум партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД“, вели тој во реакцијата
Бизнисменот и поранешен вицепремиер кој од денеска е на „црната листа“ на САД во писмена реакција испратена до медиумите вели дека силно ги негира сите сомневања изразени во документот објавен од Стејт департментот и најавува дека ќе ја обжали одлуката.

Соопштението со реакцијта во име на Ангушев е испратено од групацијата „Феро инвест“, покрај фабриката „Брако“, чиј сопственик и управител е тој.
„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“,
се наведува во соопштението.
Анѓушев во реакцијата вели дека во текот на неговиот мандат во Владата на Република Северна Македонија од 2017 до 2020 работел со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на дражвата и во интерес на македонската економија и на демократските принципи.
„Четири години по моето самоиницијативно повлекување од Владата, нема никаков судски процес за било кој сегмент од моето работење, од причини што за тоа нема никакви основи“,
вели бизнисменот.
Тој посочува дека во земјава вработува 1 000 луѓе и дека во периoдот на неговиот мандат како вицепремиер неговите фирми бележеле само пад и загуби, што е регистрирано, како што додава, и во државните финансиски служби.
„Јас имам фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и сум американски даночен обврзник, односно јас плаќам данок во Соединетите Американски Држави и сум партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД“,
вели Анѓушев.
Додека служел како вицепремиер во Владата, Анѓушев вели дека силно се залагал и работел за зачленувањето на земјата во НАТО, го поддржува зачленувањето во Европската Унија и сите активности кои се преземаат во тој правец.
Американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека поранешниот вицепремиер за економски прашања го означуваат како генерално неподобен за влез во САД поради негова вмешаност во значителна корупција.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопа довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси“,
се наведува во одлуката.
Денешната акција, нагласуваат од Стејт департментот, покажува дека САД во Северна Македонија стојат со оние што бараат одговорност од корумпирани јавни функционери.
„Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“,
се додава во одлуката.
Стејт департментот, исто така, означувајќи ги како генерално неподобни, им забранува влез во САД и на сопругата на Анѓушев, Елизабета, и на неговите деца, Ангел и Огнен.
По соопштението на американскиот Стејт департмент со објава на социјалните мрежи се огласи и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, која напиша дека означувањето на Анѓушев и на неговото семејство е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги „санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот“.
„Денешното означување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка припадност или времето на злоупотребите. Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени“,
вели амбасадорката Агелер во објавата на официјалнито фејсбук-профил на амбасадата на САД во земјава.
Пред неполн месец, на американската „црна листа“ се најдоа и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Тие им се придружија на веќе споменатиот Јордан Орце Камчев, актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.