Шефот на противпожарната служба во Лонгвју, во сојузната држава Вашингтон, Скот Голдштајн, на прес-конференција изјавил дека неговите тимови и понатаму остануваат на местото на инцидентот, посочувајќи дека напорите за враќање на ситуацијата во нормала остануваат исклучително сложени поради безбедносните опасности
Најмалку едно лице загинало, девет се повредени, а исто толку се водат како исчезнати во инцидент во фабрика за производство на хартија и пакување во американската сојузна држава Вашингтон, откако дошло до пукање на резервоар во кој се чувала хемикалија за потребите на производствениот процес, јавува Си-ен-ен, повикувајќи се на локалните противпожарни служби.

Инцидентот се случил вчера околу 7:30 часот според локално време (15:30 според средноевропско) во објектот на фабриката „Нипон дајнавејв пакинг Ко.“ (Nippon Dynawave Packaging Co) во градот Лонгвју, кога дошло до пукање на резервоарот кој содржел бела хемикалија што се користи во процесот на производство на хартија, соопштила противпожарната служба во Лонгвју.
Претходно од противпожарната служба изјавиле дека дошло до експлозија на резервоарот.
Како што соопштиле надлежните, првичните проценки укажуваат дека нема закана по здравјето на околната заедница, но сепак ги советувале граѓаните да ја избегнуваат областа.
Шефот на противпожарната служба, Скот Голдштајн, на прес-конференција вчеравечер изјавил дека неговите тимови и понатаму остануваат на местото на инцидентот, посочувајќи дека напорите за враќање на ситуацијата во нормала остануваат исклучително сложени поради безбедносните опасности.
Меѓу повредените, како што пренесува Си-ен-ен, имало осум вработени во фабриката и еден пожарникар, кој по укажаната лекарска помош е пуштен на домашно лекување. На прес-конференција, одржана вчера, спасувачките служби соопштиле дека на местото се евидентирани смртни случаи, без да наведат конкретни бројки.
Според Голдштајн, видот на повредите кај деветте лица се движат од полесни до исклучително тешки и опасни по живот.
Инаку, станува збор за фабрика во целосна сопственост на јапонската мултинационална компанија „Нипон пејпр индустрис Ко. Лтд“ (Nippon Paper Industries Co., Ltd), која произведува картонска амбалажа за течности.
Надлежните соопштија дека пукнатиот резервоар имал капацитет од околу 300 000 литри и дека бил исполнет околу 60 отсто, но подоцна, како што пренесува Си-ен-ен, бројките биле ревидирани и според информациите, резервоарот содржел 10 пати поголема количина бела течност или приближно околу 3,4 милиони литри.
Несреќата, како што наведуваат медиумите, е најновата во низата инциденти во индустриски објекти и фабрики во последните неколку месеци, од кои дел резултираа со смртни последици.
Новинската агенција Асошиејтед прес (АП) потсетува дека само минатата недела, службите за итни ситуации брзаа да спречат експлозија на прегреан хемиски резервоар во Калифорнија, поради што десетици илјади жители беа принудени да се евакуираат додека да се намали притисокот во резервоарот и да се елиминира ризикот од катастрофална експлозија. Во април, истекување на хемикалии, меѓу кои азотна киселина и друга супстанца во фабрика во Западна Вирџинија, уби две лица, а повреди повеќе од десетина други.
Во октомври минатата година, повеќе од 10 000 килограми експлозив детонираа во фабрика за експлозиви во сојузната држава Тенеси, при што загинаа 16 вработени, а детонацијата беше толку интензивна што била регистрирана како земјотрес од јачина од 1,6 степени според Рихтеровата скала. Два месеци претходно експлозија во фабриката за челик „УС стил“ (US Steel) во Пенсилванија уби двајца работници и повреди повеќе од 10 други, од кои еден беше заробен во урнатините, објави АП.
Во врска со вчерашниот инцидент, портпаролот на Медицинскиот центар „PeaceHealth St. John“ за Си-ен-ен изјавил дека во болницата првично биле примени девет пациенти, вклучувајќи едно лице кое починало. Две лица биле префрлени во други здравствени установи, додека шестмина биле задржани во болницата и, според информациите, се наоѓаат во стабилна состојба.
Инаку, градот Лонгвју се наоѓа на околу 80 километри северно од Портланд, во сојзуната државата Орегон и на околу 210 километри од градот Сиетл во сојузната држава Вашингтон.
Гувернерот на државата Вашингтон, Боб Фергусон, изрази сочувство до жртвите преку објава на платформата Икс.
„Длабоко сум тажен што слушнав дека имало жртви. Моите мисли се со работниците и нивните семејства, како и со спасувачките служби“,
напиша Фергусон.
