Владата на денешната седница донесе одлука за отворање на новата кредитна линија од осум милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка, која е дел од вториот пакет економски мерки. Бесмакатните кредити се наменети за зачувување на работните места и подобрување на ликвидноста на фирмите, објави вечерва министерката за финансии Нина Ангеловска на нејзиниот официјален Фејсбук профил.
„Нова линија од 8 милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка за фирмите погодени од ковид -19, со олеснети услови и начин за аплицирање и поголем износ на кредитите. Важи за сите погодени компании. Минималниот износ на кредит е 3 000 евра, а максималниот е 90 000 евра. Сумата на кредитот се одредува според бројот на вработени од заклучно со 31.01.2020 наведен во изјава при аплицирање, се множи по бројот на вработени, за пресметани најмногу 3 месеци“,
напиша Ангеловска во објавата на Фејсбук каде се објаснува и формулата за пресметка.
Според оваа формула, пресметката на износот кој компанија може да го искористи е следен:
-Број на вработени x 14 500 ден x 3 месеци
Или, компанија со 10 вработени ќе може да добие: 14 500 денари X 10 вработени X 3 месеци = 435.000 денари или 7 073 евра.
Кредитните услови се следни: каматна стапка од 0% на годишно ниво, рок на отплата до 3 години со вклучен грејс период до 12 месеци и обезбедување со меница.
За кредитите може да аплицираат сите погодени компании, од сите дејности кои имаат намалување на приходот за повеќе од 30% во тековниот период, на пример во март или април 2020 во споредба со истиот месец минатата година или со просечниот месечен приход во 2019 година, кои се регистрирани повеќе од половина година, немаат неплатени даноци и придонеси до 31.01.2020, не се во постапка на стечај или ликвидација и не се во категоријата исклучително ризични кредитобаратели.