Според него, проектот има и практично и стратешко значење, бидејќи покрај пониските трошоци за користење мобилни услуги, претставува и важен чекор кон интеграција на земјата во дигиталниот единствен пазар на Европската Унија
Посочи и дека земјата за краток период реализирала значителен напредок преку подготовка на акциски план, формирање работни групи, изработка на законодавен пакет и спроведување јавни консултации со телекомуникациските оператори
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски преку видеоконференциска врска учествуваше на министерски состанок меѓу Европската комисија и министрите од Западен Балкан посветен на иницијативата „Роаминг како дома“, на кој се разговараше за следните чекори кон приклучување на земјите од регионот кон европскиот роаминг-режим.

Како што соопшти Министерството за дигитална трансформација, состанокот се одржа преку видеоконференциска врска, а во фокусот се главните елементи на Преговарачката рамка, подготвеноста на земјите од Западен Балкан и процесот за овозможување користење мобилни услуги во Европската Унија под исти услови како во матичната држава.
Андоновски истакна дека за Владата и за Министерството за дигитална трансформација овој процес претставува еден од највисоките приоритети.
„’Роаминг како дома’ не го гледаме само како процес на усогласување на регулативата, туку како конкретна и многу видлива придобивка за нашите граѓани, бизниси, студенти, туристи и за пошироката економија. Нашата цел е јасна: да ја доближиме Македонија до дигиталниот единствен пазар на Европската Унија, да ги намалиме бариерите за нашите граѓани и компании и да обезбедиме придобивките од европската интеграција да се чувствуваат на практичен и директен начин“,
кажа тој.
Според него, проектот има и практично и стратешко значење, бидејќи покрај пониските трошоци за користење мобилни услуги, претставува и важен чекор кон интеграција на земјата во дигиталниот единствен пазар на Европската Унија.
Посочи и дека земјата за краток период реализирала значителен напредок преку подготовка на акциски план, формирање работни групи, изработка на законодавен пакет и спроведување јавни консултации со телекомуникациските оператори.
Министерството уште во август 2025 година подготви акциски план за усогласување на националната регулатива со европското законодавство во областа на роамингот и електронските комуникации.
Во рамките на процесот е подготвен пакет што вклучува измени на Законот за електронски комуникации и пет подзаконски акти, а по спроведените јавни консултации Владата го усвои и на крајот на февруари го достави до Европската комисија на мислење.
„Успешната имплементација на режимот ‘Роаминг како дома’ не бара само правно усогласување, туку и практична подготвеност и конструктивна соработка со телекомуникацискиот сектор. Затоа сите коментари беа внимателно разгледани како дел од подготовката на конечниот текст“,
вели Андоновски.
Од Министерството очекуваат наскоро да добијат оценка за усогласеноста на предложеното законодавство, по што би следувала нова фаза од процесот и интензивирање на преговорите.
Оттаму остануваат посветени на продолжување на соработката со Европската комисија и другите партнери, со очекување преговорите за воведување на режимот „Роаминг како дома“ да продолжат без одложување.
„Очекувањето е, по добивањето на мислењето за предложената правна рамка, преговорите да продолжат без одложување, во дух на транспарентност, партнерство и заедничка посветеност“,
вели министерот.
„Роаминг како дома“ се очекува да донесе директни придобивки за граѓаните и бизнисите преку пониски трошоци, полесна комуникација и подобра поврзаност со земјите од Европската Унија.
