Распоредот во бугарското Народно собрание ми доликува дека ќе има ситуација на службен владин кабинет поставен од претседателот на државата Румен Радев, а доколку нема политичка влада, тоа ќе биде вовед во нови, шести парламентарни избори, кои би се одржале некаде напролет наредната година, смета аналитичарот Благојче Атанасоски
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој победи на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, ќе се соочи со тешкотии при формирањето владин кабинет, а земјата има лоши изгледи за излез од политичката криза, анализираат светските медиуми, пренесува агенцијата БГНЕС.
Според коментарите на странските агенции, Бугарија повеќе нема право на грешки, а континуираната политичка неизвесност би ги продлабочила економските проблеми, односно ќе ја оддалечи земјата од целта за влез во еврозоната и ќе ја спречи да се справи со последиците од војната во Украина.
Според „Блумберг“, и покрај победата на Борисов, фрагментираниот партиски пејзаж укажува дека земјата може да се движи кон подолг период на политичка парализа.
„Политичката изолација на Борисов и сè помалата поддршка за Петков значат дека ниту еден од лидерите нема јасен за формирање влада. Продолжениот период на градење коалиција – па дури и изгледите за петти избори – може да ја попречи способноста на Бугарија да се справи со рекордната инфлација, планот за усвојување на еврото и последиците од руската инвазија на Украина“,
коментира „Блумберг“.
Шеесет и тригодишниот ветеран и поранешен премиер Борисов ќе се соочи со тешка битка да најде коалициски партнери, коментира АФП. Според агенцијата, на изборите во Бугарија доминирала растечката вознемиреност за зголемената инфлација и последиците од војната во Украина.
„Политико“ во својата анализа нагласува дека изгледите за ќор-сокак се лоша вест за земјата, која се бори со тешките предизвици на корупцијата на високо ниво, раширеното руско влијание и зголемената инфлација во пресрет на зимата.
„Бугарија е веројатно најранливата земја во ЕУ на пропагандата на Кремљ, на што укажува успехот на проруските партии на изборите, иако популарноста на рускиот претседател Владимир Путин во Бугарија опаѓа“,
пишува „Политико“.
Атанасоски: Борисов, и да формира влада, ништо нема да се смени во односите со Македонија
Аналитичарот Благојче Атанасоски смета дека ситуацијата во Бугарија по вчерашните избори е уште повеќе поларизирана, што се гледа во прераспределбата на мандатите во бугарскиот парламент.
„Иако ГЕРБ е прва политичка сила, мислам дека ќе има проблеми во составувањето на стабилна влада, од причина што коалицискиот потенцијал е мал. Борисов ќе треба да ги земе во коалиција ДПС, партијата на Турците или освен ДПС, да ги земе и ултранационалистите на Костадин Костадинов кои се националистички и про-руски настроени. Прозападните политички сили во Бугарија, ГЕРБ и Продолжуваме со промените на Кирил Петков се политички непријатели, а Петков веднаш ја отфрли можноста за коалиција“,
посочува Атанасоски во изјава за „360 степени“.
Распоредот во бугарското Народно собрание, додава тој, ми доликува дека ќе има ситуација на службен владин кабинет поставен од претседателот на државата Румен Радев, а доколку нема политичка влада, тоа ќе биде вовед во нови, шести парламентарни избори, кои би се одржале некаде на пролет наредната година.
„Распоредот на силите во Народното собрание, наместо да ја стабилизира, ја конфронтираше и радикализираше ситуацијата, односно ги измеша политичките карти“,
дециден е Атанасоски.
На прашањето, дали доколку Борисов формира влада тоа би предизвикало некакви промени во односите со Македонија, Атанасоски вели дека ништо нема да се промени.
„Доколку Борисов успее да формира влада, мислам дека тоа нема многу да ја промени ситуацијата во односите со Македонија бидејќи Бугарите со консензус во нивното Народно собрание изгласаа резолуција по македонското прашање која подоцна беше преточена во францускиот предлог кој го прифативме и ние, и во него се состојат сите општи точки во односите меѓу двете земји. Не гледам дека ќе има драстични промени. Меѓусоседските односи на Македонија и Бугарија, самата Европска Унија, со директно вклучување на американската дипломатија, ги стави во институционална рамка“,
вели Атанасоски.
Заев: Честитки до сите граѓани на Бугарија за успешните избори
Поранешниот премиер Зоран Заев, на Фејсбук му ја честиташе победата на Бојко Борисов на вчерашните избори.
„Честитки на ГЕРБ и на мојот добар пријател Бојко Борисов за победата и освоената најголема доверба од бугарскиот народ. Посакувам успешни разговори за составување на новата влада која ќе донесе стабилност на нашиот источен сосед и просперитет на Бугарија. Стабилноста на Бугарија и просперитетот на бугарскиот народ е добра за македонскиот народ, како и за граѓаните на целиот Балкан“,
напиша Заев.