Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Киев ќе ги запре воздушните напади врз Русија додека американските претставници се таму, и побара Москва да го стори истото. Потпаролот на Кремљ, Димитри Песков, изјавил дека Путин наредил 72-часовна пауза на нападите врз Киев

Американските специјални претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер пристигнаа во Москва во обид да ги обноват напорите за запирање на руската инвазија во Украина, а двете страни најавија дека ќе ги запрат воздушните напади додека делегацијата од САД престојува таму, пренесува „Гардијан“.
На аеродромот тие беа пречекани од Кирил Димитриев, претставник на рускиот претседател Владимир Путин.
Американскиот медиум „Аксиос“ пренесе дека се очекува делегацијата да се сретне со Путин денеска.
Посетата на Кушнер и на Виткоф доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп најави нов предлог за запирање на војната, без да открие детали за него. Како што пишува „Гардијан“, запирањето на војната во Украина било еден од приоритетите на Трамп во неговиот втор мандат, но досегашните напори дале скромни резултати.
„Ги испратив Стив Виткоф и Џаред Кушнер, двајца одлични преговарачи. Досега завршија одлична работа, и ги испратив да видиме дали може да се постигне нешто. И можеби има шанса да се направи нешто“,
рече Трамп.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Киев ќе ги запре воздушните напади врз Русија додека американските претставници се таму, и побара Москва да го стори истото. Потпаролот на Кремљ, Димитри Песков, изјавил дека Путин наредил 72-часовна пауза на нападите врз Киев.
„Гардијан“ пишува дека се уште има големи разлики меѓу Русија и Украина за крај на војната. Во петокот, Кремљ соопшти дека Русија се држи до позицијата што ја изнел Путин пред две години – Украина да се откаже од четирите региони што Русија сака да ги присвои и да не се зачлени во НАТО. Таа позиција е неприфатлива за Украина.
Се очекува Виткоф и Кушнер во недела да пристигнат во Киев, што ќе биде првпат овие преговарачи да го посетат главниот град на Украина. Претходно патуваа само во Москва, последниот пат во јануари годинава, кога се сретнаа со Путин во Кремљ.
Напорите да се постигне мир во Украина загубија интензитет во последните месеци, откако вниманието на САД се сврте кон нивната војна со Иран.
„Гардијан“ пишува дека фронтот долг 1 250 километри речиси стои во место, а двете страни редовно разменуваат воздушни напади, успевајќи да погодат далечни цели.
Зеленски ја обвини Русија дека се обидува да ја спречи посетата на американските претставници со ноќни напади врз двата киевски аеродроми.
„Очигледно овие руски напади на аеродрмите се реакција на разговорите и на можноста американската страна со авион да допатува во Украина“,
напиша Зеленски на „Икс“.
Странските делегации обично патуваат со воз во Украина, бидејќи воздушниот простор на земјата е затворен од 2022 година поради војната.
