Во објавата Зеленски наведе дека Украина се подготвува за посетата и дека ќе се воздржи од воздушни напади за време на преговорите, повикувајќи ја Русија да одговори на идентичен начин, за да се овозможи безбедно одвивање на разговорите и придружните логистички активности
Според новинските извештаи американските преставници претходно ќе ја посетат Москва, чии сили вчера во напад без преседан, со дрон го погодија седиштето на Украинската безбедносна служба (СБУ), во центарот на Киев, што предизвика гнев кај тамошните власти, кои ветија соодветен одговор
Специјалните пратеници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, планираат да ги посетат Москва и Киев во наредните денови со предлог за прекин на војната, изјави Трамп во петокот (4 септември) во разговор со новинарите во Белата куќа, објави Си-ен-ен.

„Ги праќам Стив Виткоф и Џаред Кушнер, двајца одлични преговарачи. Тие завршија одлична работа и ги испраќаме да видат дали можеме да постигнеме нешто. И можеби има големи шанси да го сториме тоа“,
изјавил Трамп, според телевизијата.
Ројтерс пренесе дека за време на коментарите во Овалната соба, Трамп посочил дека САД имаат нов конкретен предлог насочен кон завршување на војната, која е во својата петта година, но, не прецизирал каков би бил тој предлог, ниту, пак, кажал дали Виткоф и Кушнер ќе патуваат во Украина, Русија или во двете земји.
Посетата на украинската престолнина би била првото патување на Виткоф и Кушнер во земјата која последните недели е под постојан бран руски напади, додека претходно тие во неколку наврати беа во Москва, на разговори околу обидите на администрацијата на Трамп за ставање крај на војната.
Руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека двајцата американски преговарачи ќе ги посетат Москва и Киев овој викенд.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на Телеграм, соошти дека се очекува американските претставници да ја посетат Москва и да пристигнат во Киев во недела, на разговори насочени кон изнаоѓање начини за ставање крај на конфликтот.
Во објавата Зеленски наведе дека Украина се подготвува за посетата и дека ќе се воздржи од воздушни напади за време на преговорите, повикувајќи ја Русија да одговори на идентичен начин, за да се овозможи безбедно одвивање на разговорите и придружните логистички активности.
„Како и при претходните дипломатски посети на американската страна, ќе обезбедиме нормално функционирање на рускиот воздушен простор за преговарачите да можат безбедно да пристигнат. Од наша страна нема да има воздушни напади, а Русија мора да возврати со обезбедување период на смиреност, без сопствени воздушни напади, во текот на времето потребно за водење на овие преговори и за решавање на логистичките прашања поврзани со оваа американска посета“,
наведе Зеленски.
Тој додаде дека целта е да има конструктивни и суштински разговори со американските преговарачи.
„Нашата цел е да имаме посета и преговори со американската страна кои би биле што е можно поконструктивни и суштински. Треба да бараме реални опции за тоа како да ја завршиме оваа војна“,
рече украинскиот претседател.
Претходните посреднички напори на Кушнер и Виткоф за постигнување мировно решение за Украина не вродија со плод, а нивните активности привремено беа одложени, бидејќи и двајцата беа ангажирани во преговорите за решавање на конфликтот со Иран.
Навестувања за нивна посета на Москва и Киев имаше и претходно неделава. Зеленски деновиве изјави дека разговарал со Виткоф и Кушнер во понеделникот и дека тие „ги заклучуваат датумите за нивната посета на Украина“.
Но, иако Зеленски го поздравува претстојниот состанок како важен развој на настаните, дипломатско решение што би ја довело војната до брз крај, според Си-ен-ен, останува малку веројатно.

Телевизијата потсетува на изјавите на рускиот претседател Владимир Путин дека не е подготвен да се откаже од ниту едно од барањата што ги поставил кон Украина. Имено, Путин го повика Киев да се откаже од контролата врз големи делови од својата територија, да се откаже од својата амбиција да се приклучи на НАТО и драматично да ја намали големината на својата војска – услови што Киев ги отфрли.
Москва, исто така, ги засили нападите врз украинските градови во последните денови, гаѓајќи објекти со беспилотни летала на млазен погон, кои Украина е речиси невозможно да ги пресретне.
Киев е под речиси континуиран воздушен напад веќе осум дена, со напади што погодија повеќе згради во центарот на градот, како и магацини и фабрики, вклучувајќи ја и онаа на Кока-кола, во предградијата на украинската престолнина.
Во напад без преседан, вчера, руски дрон го погоди седиштето на Украинската безбедносна служба (СБУ), во центарот на Киев, што предизвика гнев кај тамошните власти, кои ветија соодветен одговор. Украинскиот претседател изјави дека дронот бил насочен директно кон канцеларијата на шефот на СБУ, Олександр Поклад, кој, како што подоцна соопштија од службата, се наоѓа на безбедно и не е повреден во нападот.
Инаку, во руските напади на Киев и поширокиот регион од 27 август досега убиени се најмалку 53 лица, а 134 се повредени.
Во меѓувреме, Украина ги интензивираше своите напади со долг дострел врз цели длабоко во руската територија, напаѓајќи складишта и рафинерии за нафта, како и комерцијални магацини.
Зеленски претходно оваа недела предупреди дека воздушниот простор на Русија „ефикасно ќе биде затворен“ поради присуството на украински беспилотни летала. Сепак, тој јасно стави до знаење дека доколку странски дипломати патуваат во Москва, Украина ќе се погрижи небото да биде безбедно.
