Откако ја презеде функцијата, претседателот на САД, Џозеф Бајден, посветува големо внимание и ги следи настаните на европско тло. Откако ситуацијата на руско-украинската граница стана тензична, тој реши директно да интервенира – Америка испраќа воени единици во Источна Европа, кои доколку дојде до руска инвазија, ќе се приклучат на украинските единици
Американскиот претседател Џозеф Бајден формално го одобри дополнителното распоредување на војска во Источна Европа, а се очекува наскоро Пентагон да објави дека војниците ќе бидат распоредени „во наредните денови“.
Според податоците, САД испраќаат околу 2 000 војници во Полска и уште неколку илјади до членките на НАТО во Југоисточна Европа, пред се во Романија. Се проценува дека дел од војниците се веќе во Европа, додека други ќе пристигнат од САД.
Покрај тоа, САД ставија уште 8 500 војници во состојба на готовност во случај НАТО да повика на итен одговор.
Соединетите држави соопштија дека распоредувањето на војници ќе биде ограничено, пропорционално и целосно во согласност со обврските од Основачкиот акт НАТО-Русија, додавајќи дека сојузниците ќе ја „зајакнат одбраната“ доколку Русија ја нападне Украина.
Романија долго време сака војници на НАТО на нејзина територија
Романија, која треба да прими околу илјада војници, долго време сака војниците на НАТО да дојдат на нејзина територија.
Франција изрази интерес да ги предводи тие единици, а за време на посетата на Букурешт, француската министерка за одбрана Флоренс Парли го најави скорешното пристигнување на група експерти во Романија, која треба да ги започне подготовките.
Пензионираниот генерал Филип Бридлав, командант на силите на НАТО во Европа од 2013 до 2016 година, ја пофали одлуката. Говорејќи во Истражувачкиот центар на Атлантскиот совет, тој порача Алијансата да ги разгледа „опциите што ќе му покажат на Путин дека ќе го добие спротивното од она што го бараше“.
Покрај зголеменото предупредување, Бридлав предлага можна промена на елементите на Здружената Работна група на високо ниво.
Таа се состои од околу 20 000 мултинационални војници, претходник на силите за одговор на НАТО, кои имаат 40 000 војници. Времето на реакција на овие сили веќе е скратено од седум на пет дена оваа година.
Доколку е потребно, тие сили би биле распоредени и побрзо од тоа, смета Бен Хоџис, исто така пензиониран генерал – поранешен командант на американската армија во Европа. Тој тоа го опишува вака:
„Ако ми кажете дека имам пет дена да се преселам, тогаш ќе бидам подготвен да се преселам за ден или два“.
Русија не сака НАТО во своето опкружување
Можноста за брза реакција и акумулација на добро обучени војници на НАТО околу нејзините граници е токму она што ја загрижува Русија. Затоа најважното барање на руските преговарачи на минатомесечните преговори меѓу Русија и НАТО, кои се одржаа во Брисел, Женева и Виена, беа безбедносните гаранции.
„Војската и оружјето на НАТО во близина на границите на Русија се безбедносен предизвик за земјата, кој мора веднаш да се реши. Мора да разберете дека клучот е да се гарантира дека НАТО нема да се прошири на исток. Барањата на Русија се пакет, а не мени каде нешто може да се избере“,
изјави по преговорите рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Поради тоа во текот на преговорите не беше постигнат договор и тие завршија во ќорсокак. Оттогаш продолжува акумулацијата на војници од двете страни на границата, а според последните проценки, на руската страна на границата има повеќе од 100 000 војници.
Западот одговори дека суверените држави сами одлучуваат во кои сојузи ќе се приклучат, а на кои не. Од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Украина повторно е суверена држава, изјавија западните лидери.
Ова не е прв пат НАТО да распоредува свои војници во близина на Русија. Тие беа присутни во Естонија, Летонија, Литванија и Полска во 2014 година по руската инвазија на Украина.