Членките на ЕУ веќе се согласија колективно да обезбедат воена помош за Украина. И додека некои земји обезбедуваат оружје со минимални барања, други тоа го прават под услов оружјето да се користи само на украинска територија
Министрите за одбрана на Европската Унија денеска не успеаја да постигнат консензус околу тоа да ѝ се дозволи на Украина да користи западно оружје за напади на руска територија, за што рускиот претседател Владимир Путин рече дека ќе биде „игра со оган“.
Членките на ЕУ веќе се согласија колективно да обезбедат воена помош за Украина. И додека некои земји обезбедуваат оружје со минимални барања, други тоа го прават под услов оружјето да се користи само на украинска територија.
Киев тврди дека мора да ја гаѓа Русија бидејќи таа ја напаѓа Украина од нејзина територија, пишува агенцијата ДПА.
Борел: Никој не може да спречи некоја членка да ја снабдува Украина со оружје
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, на прес-конференција по состанокот на министрите изјави дека нападите за самоодбрана врз воени цели на руска територија се „легитимен чин според меѓународното право кога се користат на пропорционален начин“.
„Но, исто така е јасно дека тоа е одлука за секоја земја членка. Никој не може да спречи некоја членка да ја снабдува Украина со оружје и да ѝ дозволи да го користи за воени цели на руска територија. Исто така, не можеме да ги обврземе да се согласат на тоа“,
рече Борел.
Министрите, исто така, не успеаја да се договорат дали на воените инструктори од ЕУ треба да им се дозволи да спроведуваат обука на украинска територија. Некои стравуваат дека тоа ќе го зголеми учеството во војната и ризикот од директна конфронтација меѓу Русија и Западот.
Путин: Дали Европа и САД сакаат глобален конфликт?
Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги предупреди членките на НАТО дека си играат со оган кога предложија да ѝ се дозволи на Украина да го користи нивното оружје за напади на руска територија.
„Постојаната ескалација може да доведе до сериозни последици. Ако овие сериозни последици се материјализираат во Европа, како ќе се однесуваат САД, со оглед на нашиот нуклеарен паритет? Тешко е да се каже – дали сакаат глобален конфликт?“,
праша Путин во Ташкент.
За украинските напади со оружје со долг дострел, тој рече дека им се потребни западна разузнавачка и воена помош и сателити, што значи дека Западот мора директно да биде вклучен.