Исплашените палестински семејства бегаат од населбата Тал Ал Султан, повторно бомбардирани по нападот во неделата вечерта во кој загинаа 45 лица, а други 249 беа повредени во бегалскиот камп, соопштија локалните власти, пренесува Франс прес
Израелски тенкови влегле во центарот на Рафах, град на самиот југ на Појасот Газа, откако три недели ја бомбардираа таа област, јавуваат очевидци. Дописниците на агенцијата Франс прес и сведоци од Рафах зборуваат за силни воздушни напади и артилериски оган во западниот дел на градот на границата со Египет.
Еден сведок потврдил за француската агенција дека видел израелски тенкови на кружниот тек Ал Ауд, во самиот центар на градот. Друг безбедносен извор потврдил дека видел тенкови во центарот на Рафах. Исплашените палестински семејства бегаат од населбата Тал Ал Султан, повторно бомбардирани по нападот во неделата вечерта во кој загинаа 45 лица, а други 249 беа повредени во бегалскиот камп, соопштија локалните власти, пренесува Франс прес.
Советот за безбедност на ОН, на барање на Алжир, треба итно да се состане во вторник во врска со нападот, кој предизвика гнев кај меѓународната заедница. Обединетите нации објавија дека околу еден милион луѓе побегнале од Рафах за време на тринеделните воздушни напади.
Овој егзодус се одвива „без безбедно засолниште, под воздушни напади, без вода и храна, низ планини од ѓубре“, додаваат од ОН.
Израелските војници започнаа копнена операција во Рафах на почетокот на мај, тврдејќи дека сакале да ги елиминираат последните баталјони на Хамас таму, што доведе до затворање на граничниот премин со Египет, витален за испорака на хуманитарна помош. Дописникот на Франс прес, исто така, извести за бомбашки напади и пукотници во градот Газа, на северот од енклавата. Министерството за здравство на Хамас изброи најмалку 46 смртни случаи за 24 часа низ Појасот.
Седум загинати во нов напад
Седум Палестинци загинаа, а десетици се ранети во нови израелски напади врз шатори западно од Рафах, соопштија палестинските здравствени власти. Цел на нападот биле шаторите на раселените семејства во хуманитарната област Маваси во западен Рафах, изјавија лекарите и жителите за Ројтерс. Медиумите на Хамас наведуваат дека бројот на загинати е 20.
Израелската војска соопшти дека првичната истрага за нападот што предизвика смртоносен пожар во шаторскиот камп во Рафах, при што загинаа најмалку 45 луѓе, покажа дека пожарот го предизвикала „секундарна експлозија“.
Контраадмиралот Даниел Хагари, главниот воен портпарол, рече дека војската истрелала две муниции од 17 килограми и дека на мета биле двајца високи милитанти на Хамас.
Тој рече дека муницијата била премала за да предизвика пожар и дека армијата ја истражува можноста во областа да има складирано оружје.
Нападот предизвика жестоки реакции од целиот свет, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека тоа е резултат на „трагична несреќа“.