Испраќањето на војниците е поддршка на сојузниците од НАТО поради воените потези на Русија во близина на Украина
Извори на Си-ен-ен велат дека дел од војниците што Америка ќе ги распореди се веќе во Европа, додека други доаѓаат од САД
Американскиот претседател Џозеф Бајден официјално го одобри дополнителното распоредување на американски војници во Источна Европа, а денеска се очекува Пентагон да објави дека војниците ќе бидат распоредени „во наредните денови“.
Испраќањето на војниците е поддршка на сојузниците од НАТО поради воените потези на Русија во близина на Украина.
Се очекува Пентагон да објави дека илјадници дополнителни американски војници ќе бидат распоредени на пунктови во Европа – околу 2 000 војници во Полска и уште неколку илјади во членките на НАТО во Југоисточна Европа, пред се во Романија.
Соединетите Американски Држави ставија уште 8 500 војници во состојба на готовност во случај НАТО да повика на итна реакција, но Белата куќа минатата недела објави дека Бајден нема туку -така да испрати сили во Украина.
Сепак, САД и НАТО веќе имаат десетици илјади други војници во Европа кои се подготвени за каква било дополнителна реакција од источноевропските сојузници.
Извори на Си-ен-ен велат дека дел од војниците што Америка ќе ги распореди се веќе во Европа, додека други доаѓаат од САД.
Пред неколку дена, Белата куќа во официјалното соопштение истакна дека претседателот Бајден во разговор со својот украински колега ја повторил подготвеноста на Вашингтон за решителен одговор во случај Русија да ја нападне Украина.
Во соопштението се наведува и дека Бајден рекол дека САД бараат начин за дополнителна макроекономска поддршка што ќе и помогне на украинската економија во време на притисок предизвикан од акумулацијата на руските воени сили во пограничната област.