Форумите на досега опозициската партија ќе заседаваат утре, откако во петокот средбата Заев-Гаши заврши без конкретен договор за коалицирање
Централното претседателство на Алтернатива ќе заседава утревечер, по одложувањето на седницата што беше најавена за во вторник, поради тридневната жалост по автобуската несреќа во Бугарија.
Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, изјави за МИА дека утревечер членовите на Централното претседателство треба да му дадат насока на Централното собрание, највисокиот орган на партијата, кој ќе донесе одлука дали досега опозициската партија ќе стане дел од Владата и парламентарното мнозинство.
„Верувам дека во еден дијалог ќе ги соочиме сите аргументи ’за’ и ’против’ и дека ќе биде донесена соодветна одлука“,
вели Реџепи.
Негов став е, како што вели, доколку Алтернатива донесе одлука да стане дел од Владата, да ѝ се даде предност на програмата на партијата пред позициите на власта.
Претседателот на партијата, Африм Гаши, во петокот минатата недела имаше средба со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Состанокот во Клубот на пратеници заврши без конкретен договор за коалицирање, со најава дека евентуална таква одлука ќе донесат органите на двете партии.
За вторник беа најавени и седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, за кога Заев најави дека ќе ја официјализира оставката на лидерската позиција, за да почне постапката за избор на негов наследник, кој би бил и мандатар за состав на новата Влада. И овој чин беше одложен поради деновите на национална жалост.
Пратениците на Алтернатива беа потписници на иницијативата на опозициските партии за недоверба на Владата, која пропадна откако Кастриот Реџепи од Беса не дојде на собраниската седница. Сега Заев се обидува да го прошири парламентарното мнозинство кое броеше 62 члена до одлуката на Беса да се приклучи кон иницијативата за уривање на Владата преку изгласување недоверба.
Доколку четворицата пратеници на Алтернатива се приклучат кон мнозинството, кое моментно е сведено на 60 пратеници, вклучително со Реџепи од Беса, тогаш најавената нова влада би имала поддршка од 64 пратеници во законодавниот дом.