Според министерот, секој полнолетен граѓанин при посета на матичен лекар ќе може да се изјасни дали сака или не сака по смртта да биде органодарител, а таа одлука ќе биде евидентирана во системот и ќе може да се промени во секое време
Новиот систем треба да почне да функционира од 1 октомври 2026 година, а до тогаш, како што рече Алиу, ќе се работи на негово целосно техничко, институционално и комуникациско подготвување
Во моментов 168 пациенти чекаат трансплантација на бубрег, 37 на срце, 12 на црн дроб и 23 на рожници, изјави денеска министерот за здравство Азир Алиу, оценувајќи дека новото законско решение за органодарителство претставува значаен чекор напред за здравствениот систем.

Според Алиу, со измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување се создава појасна рамка за изразување и евидентирање на волјата на граѓаните за органодарителство.
„Со усвојувањето на измените на Законот за земањето и пресадувањето делови од човечкото тело заради лекување државата направи силен исчекор. Од тема што предолго живееше под превезот на страв и тема за која се зборуваше во болничките ходници успеавме да создадеме тема за која се зборува јавно, одговорно и достоинствено. Органодарителството денес е тема на доверба, на лична волја, на солидарност и на зрелост на нашето општество“,
рече тој.
Според него, овој процес не почна во Собранието, ниту завршува со усвојувањето на законот.
„Тој почна со одлуката да излеземе пред јавноста. Со кампањата ‘Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста‘, со видеа од лекари и медицински тимови, со трибини, со јавни разговори и со пораки што ја објаснуваа хуманата димензија да се биде органодарител. Не сакавме граѓаните да слушаат само за процедури. Сакавме да разберат дека зад секоја трансплантација стојат човечки животи, семејства што чекаат и надеж што не смее да остане без системска поддршка“,
кажа Алиу.
Појасни дека секој полнолетен граѓанин при посета на матичен лекар ќе може да се изјасни дали сака или не сака по смртта да биде органодарител, а таа одлука ќе биде евидентирана во системот и ќе може да се промени во секое време.
Пред да ја даде изјавата, избраниот лекар ќе има обврска да го информира граѓанинот за значењето на одлуката, за нејзините правни последици и за правото таа во секое време да може да се промени.
„Пристапот до овие податоци ќе биде строго ограничен, контролиран и евидентиран, што значи дека секој увид во системот ќе остава трага и ќе биде дозволен само за точно утврдени овластени лица. Дополнително, граѓанинот во секое време ќе може да ја промени својата одлука со нова изјава кај својот избран лекар, а важечка ќе биде секогаш последната евидентирана изјава“,
вели министерот.
Новиот систем треба да почне да функционира од 1 октомври 2026 година, а до тогаш, како што рече Алиу, ќе се работи на негово целосно техничко, институционално и комуникациско подготвување.
Националната координаторка за трансплантација, Билјана Кузмановска, истакна дека законските измени произлегле од потребата да се зголеми бројот на согласности за донирање органи и да се стави во фокус волјата на поединецот.
Органодарителството, како што рече, останува целосно доброволен чин и секој граѓанин ќе има право во секое време да ја промени својата одлука.
Целата процедура, додаде дека ќе мора да биде по оние стандарди што веќе се дефинирани и функционираат во светот.
Со 58 гласа „за“ и шест „против“ Собранието завчера, по скратена постапка го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување. Со новите законски измени се воведуваат реформи кои се однесуваат на проширување на кругот на живи дарители.
