Според Ројтерс, финансиските извештаи за 2025 година поднесени до канцеларијата за владина етика на САД, откриваат дека неговите компании добиле речиси 800 милиони долари од „Ворлд либерти фајненшл“ (World Liberty Financial), крипто-проект што американскиот претседател го започнал со своите синови
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година пријавил повеќе од 1,4 милијарди долари приход од крипто-инвестиции на неговото семејство, што, како што пишува Ројтерс, покажува дека поголемиот дел од својот приход тој го остварува од дигитални валути кои имале корист од неговите политики, пишува Ројтерс.

Како што наведува агенцијата, финансиските извештаи за 2025 година поднесени до канцеларијата за владина етика на САД откриваат дека неговите компании добиле речиси 800 милиони долари од „Ворлд либерти фајненшл“ (World Liberty Financial), крипто-проект што американскиот претседател го започнал со своите синови. Тој приход, кој претседателот го дели со членовите на своето семејство, според извештаите, вклучува повеќе од 520 милиони долари од продажба на крипто-токени и повеќе од 250 милиони долари од продажбата на Ворлд либерти (World Liberty).
Трамп, исто така, пријавил дополнителни 635 милиони долари од продажбата на неговата „меме“ монета „$TRUMP“.
Криптовалутите, наведува Ројтерс, го трансформирале богатството на Трамп. На пример, во извештај од пред една година, тој пријавил 57,35 милиони долари од продажбата на токени на Ворлд либерти (World Liberty), износ кој е деветократно зголемен според последните податоци. Агенцијата неодамна процени дека семејството Трамп заработило најмалку 2,3 милијарди долари од проекти поврзани со криптовалути, откако тој се врати во Белата куќа во 2025 година.

Американскиот претседател, исто така, пријавил повеќе од 80 милиони долари приход од спогодби со разни медиумски компании и 52 милиони долари приход од неговата компанија што го лиценцирала неговото име на странски инвеститори во недвижности, главно за договори со партнери од Блискиот Исток.
На прашање на Ројтерс, портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, негираше каков било конфликт на интереси меѓу Трамп и неговото семејство.
„Претседателот Трамп ги направи Соединетите Држави главна крипто-престолнина на светот преку своите извршни постапки. Сите постапки од него и неговата администрација се преземени во најдобар интерес на американскиот народ – и сите таканаречени новинари кои тврдат поинаку го рециклираат истиот, уморен, лажен наратив што демократите и традиционалните медиуми го туркаат веќе една деценија“,
рече Кели.
Патем, Трамп, исто така, заработува приход од своите традиционални бизниси – голф-терени и одморалишта. Според Ројтерс, минатата година тој од нив заработил повеќе од 500 милиони долари.
