Опозициските партии кои се обединија околу предлогот за нови измени на Законот за заштита од заразни болести, по редовна постапка, заедно имаат 58 пратеници
Парламентарните Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и Левица, се придружија кон барањето на најголемата опозициска партија за формирање посебна комисија за справување со ковид-19. Овие партии денеска до Собранието поднесоа предлог за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, во редовна постапка.
Како што се наведува во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пред неколку дена, овој ист предлог – закон со кој се предвидува формирање посебна комисија за заштита и и справување со пандемија или епидемија тие го поднеле до Собранието во скратена постапка, но владејачкото мнозинство ја одбило потребата од негово брзо носење.
„Со предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, бараме формирање на посебна комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, што ќе ја формира Собранието и ќе треба да придонесе за ставање под контрола на ситуацијата со ковид-19, која очигледно од ден на ден се повеќе се влошува“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата, како што се предлага, би била составена од 11 члена, во која по функција ќе бидат министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а другите би биле тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист.
„Овој предлог – закон предвидува препораките на Комисијата да се доставуваат до Владата, која потоа ќе има обврска и ќе мора задолжително да постапува по нив. Целта на овој закон е да се формира комисија која што ќе биде составена од професионалци, докажани во своите области и кои, со своето објективно и стручно работење и носење на одлуки, ќе придонесат за решавање и нормализирање на тешката состојба во која што се наоѓа земјата, предизвикана од ковид-19 кризата, но и од катастрофалната здравствена политика што ја води оваа Влада, предводена од СДСМ“,
потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската пратеничка група апелира до пратениците од владејачкото мнозинство да го поддржат ова законско решение и конечно, како што посочуваат, наместо партискиот интерес, во преден план да го стават интересот, безбедноста и здравјето на сите граѓани.
Опозициските партиите, кои се обединија околу барањето за формирање нова комисија за справување со ковид -19, заедно во парламентот имаат 58 пратаеници.
Минатата седмица парламентот донесе измени на Законот за заштита од заразни болести, предложени од Владата, со 53 гласа „за“ и 26 „воздржани. Со овие измени се предвидув носење маска и на отворено, зголемени овластувања за инспекциските служби и повисоки казни за прекршување на протоколите за заштита од ковид-19.
Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш најавија дека ќе учествуваат во обезбедување кворум за работа на парламентот по овој Закон, ама дека нема да гласаат за него.