Здруженијата за заштита на животните до утре треба да аплицираат во Министерството за администрација и информатичко општество
Активистите за права на животните со посебни дозволи ќе имаат право да излезат за време на полицискиот час и да се грижат за бездомните животни.
За одлуката на Кризниот штаб доаѓа по многубројните барања од активисти, информираше скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
„На денешната седница на Државниот кризен штаб, донесовме одлука да за времетраење на претстојниот викенд и сè додека општо трае полицискиот час, активистите за благосостојба на бездомните животни, да можат по два часа дневно да се движат со цел да може да се нахранат бездомните животни“,
напиша Шилегов на Фејсбук.
За да можат да извадат дозволи за движење, секое регистрирано друштво за заштита на правата на животните потребно е до утре до Министерството за администрација и информатичко општество да достави заверен список – барање со потребните податоци кои ги има на веб-страницата на Министерството. Секое здружение ќе може да побара дозвола за движење за максимум пет активисти.