Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ бара Владата да овозможи да се издаваат дозволи за движење за нивните активисти, кои се грижат за бездомните животни. Оттаму посочуваат дека за време на полицискиот час животните со денови се оставени без храна и вода и затоа бараат по одредени правила да им се дозволи движење, за да можат да се грижат за нив.
„Ние ги почитуваме мерките на Министерството за здравство и Владата, ја разбираме сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме и во ниту еден случај не би ги нарушиле предвидените мерки и процедури, но веќе со недели укажуваме дека е неопходно да се согледа аспектот на нашето дејствување (со кој ја помагаме државата и општините) и бараме итно да да ни биде дозволено движење во ограничен временски рок со цел грижа (храна, вода, основна ветеринарна помош) за многубројните бездомни животни за кои се грижиме. Ова мора да се реши побргу бидејќи доаѓаат велигденските празници кога се најавуваат повеќе денови полициски час“, се вели во соопштението од „Анима мунди“.
Тие тврдат дека од Министерството за информатичко општество и администрација, каде што доставиле барање, биле препратени до Владата и Кризниот штаб, а оттаму во општините, па во локалните полициски станици, но не дошле до решение.