По адвокатите, завршни зборови за случајот „Шамарите во Центар“, кој го отвори СЈО, ќе даде и поранешниот министер за транспорт и врски, кој е второобвинет во овој предмет
Ако Миле Јанакиески беше човек од доверба на Никола Груевски, тогаш немаше да го има во прислушуваните разговори, вели одбраната на ексминистерот во завршните зборови за случајот „Шамарите во Центар“, каде што експремиерот е прво, а поранешниот министер за транспорт и врски второобвинет за поттикнување на насилните протести пред Општината, летото 2013 година.
Адвокатот Еленко Миланов во завршните зборови го анализираше обвинението и завршниот збор на обвинителката Фатиме Фетаи и се осврна на делот каде што таа рече дека Јанакиески бил човек од доверба на Груевски.
„Ако беше човек од доверба, немаше да го има во над 80 000 разговори и во повеќе од 100 илјади СМС-пораки. Јанакиески не е човек од доверба, тој е човек во кој и првообвинетиот (Груевски) имал сомнеж“,
рече Миланов.
Тој ги анализираше и дејствијата на другите обвинети – директни учесници на протестот, па алудираше на тоа дека тука нема насилство, иако обвинителството тврди дека Јанакиески е поттикнувач на насилство.

Претходно, и неговиот колега Димитар Дангов, кој исто така е адвокат на Јанакиески, повеќе од еден час го даваше својот завршен збор. И тој побара ослободителна пресуда бидејќи тврди дека во обвинението нема ниту еден доказ за активностите на Јанакиески.
Во дел од неговото излагање тој ја оспоруваше и автентичноста на „бомбите“ алудирајќи дека ги нема оригиналните снимки. Тој се повикуваше и на европската пракса дека доказите се изведуваат во оригинал и оти само таков доказ може да се смета за релевантен.
„Ако нема оригинален доказ, нема оригинален случај“,
рече Дангов.
По адвокатите, завршни зборови ќе даде и Миле Јанакиески.
На минатото рочиште завршни зборови даде адвокатот по службена должност на експремиерот Никола Груевски, Петар Димовски. Тој порача дека неговиот клиент не може да биде обвинет затоа што има помилување од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, како и дека од доказите не се видело дека се реализира тоа што го зборува Груевски во „бомбите“, односно немало шлаканици за тогашниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски.
Своите завршни зборови минатата недела ги даде и одбраната на еден од обвинетите учесници во протестите, Александар Трајковски. Неговиот адвокат, Јовица Страшевски, правеше паралела со видеа од протестите на „Шарената револуција“, меѓу кои и од уништувањето на канцеларијата на тогашниот претседател Ѓорге Иванов кај „Рекорд“, па посочуваше дека овие лица не биле обвинети за насилство.
Прва со завршните зборови, на претходното рочиште, настапи обвинителката Фатиме Фетаи. Таа побара максимални казни за организаторите на насилните протести, Никола Груевски и Миле Јанакиески, додека за четворица од учесници на протестот побара затворски казни, а за еден условна казна бидејќи, како што рече, неговите насилнички дејствија немаат таков интензитет.
Пред да ги побара казните и да ги анализира доказите, Фетаи го повлече обвинението за тројца обвинети. Меѓу нив, поранешната пратеничка Даниела Рангелова, која во периодот на протестите беше советничка во општинскиот Совет од ВМРО-ДПМНЕ во Центар, и двајца учесници на протестите.
Обвинетите се товарат за поттикнување и организирање (Груевски и Јанакиески), како и учество на насилните протести пред просториите на Општината летото во 2013 година (останатите петмина обвинети). Протестите, според Обвинителството, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“.
Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Во овој случај веќе има три пресуди: Осуден е Мирко Пецев, кому му се судеше во одвоена постапка, како и двајца обвинети кои признаа вина на почетокот на судскиот процес и добија условни казни. За еден обвинет, пак, беше определено задолжително психијатриско лекување.
Овој случај е еден од првите два за кои своевремено СЈО покрена обвинение. Заедно со обвинението за случајот „Тврдина“, кој се однесува на уништување на документација во поранешната УБК, СЈО на 15 септември 2016 година до Кривичниот суд во Скопје го поднесе обвинителниот предлог и за насилството.