При ваква невообичаена појава, АХВ ги упатува граѓаните да ги контактираат надлежните служби и да избегнуваат секаков директен контакт, допирање или преместување на угинатите птици

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните да не создаваат непотребна загриженост доколку забележат поединечна угината птица во урбаните средини, вклучително гаврани или други диви преселни птици.
Оттаму појаснуваат дека особено внимание е потребно само доколку на исто подрачје и во краток временски период се забележи поголем број угинати птици.
При ваква невообичаена појава, АХВ ги упатува граѓаните да ги контактираат надлежните служби и да избегнуваат секаков директен контакт, допирање или преместување на угинатите птици.
Од Агенцијата уверуваат дека континуирано ја следат состојбата на терен и, согласно проценките на ризикот, ги преземаат сите потребни мерки за надзор, земање примероци и соодветни лабораториски испитувања.
Апелот од АХВ доаѓа откако вчера надлежните служби алармираа дека освен комарците можен пренесувач на вирусот западнонилска треска се и дивите птици.
Министерот за здравство Сашо Клековски вчера рече дека 250 различни птици можат да бидат резервоар на болеста, меѓу кои и гавранот. Тој ги повика граѓаните кои ќе видат мртва птица, да ја пријават во АХВ. Агенцијата досега добила една пријава на мртва птица во Гостивар, меѓутоа таму не бил идентификуван вирусот западен нил.
Инаку, нов смртен случај од западнонилска треска во земјава, го зголеми билансот на вкупно четири починати лица досега. На Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани 20 пациенти со западнонилска треска од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, додека два случаја се водат клинички како суспектни.
На интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика и кај нив се одвива лекувањето според сите клинички протоколи.
