На интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика, соопшти директорот на Инфективна, Фадил Цана

Нов смртен случај од западнонилска треска во земјава, го зголеми билансот на вкупно починати 4 лица досега.
Пациентот, на 76-возраст и во тешка состојба, бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести вкупно 27 дена.
Директорот на Инфективна, Фадил Цана, соопшти дека и покрај напорите на медицинскиот кадар, поради дополнителните придружни сериозни заболувања, како и тешката невроинвазивна форма на мозокот и мозочната обвивка, пациентот починал.
Во моментов, на Клиниката се хоспитализирани 20 пациенти со западнонилска треска од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, додека два случаја се водат клинички како суспектни.
На интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика и кај нив се одвива лекувањето според сите клинички протоколи.
„Тоа што и ние како клиничари го предвидувавме со вчерашниот ден се потврди дека кај 25-годишната пациентка која се водеше како клинички суспектна, се потврди невроинвазивна форма на инфекција. Но, во меѓувреме, синоќа е хоспиталзииран и 24-годишен пациент, кој се води како суспектен случај и во текот на денешниот или утрешниот ден ќе знаеме дали ќе се потврди клиничката дијагноза. Тој живее во Центар“,
изјави Цана.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали секој потврден позитивен случај мора да се лекува болнички или може да се третира амбулантски, рече дека невроинвазивната форма мора да се лекува болнички.
„Сите кои се хоспитализирани на клиниката се со невроинвазивна форма. Тие се еден процент од 100 отсто заболени. Според статистиката, најтешка форма на болеста развиваат еден отсто од вкупниот број инфицирани. Сите пациенти се од Скопје. Медицински напреднатата возраст е независен ризик-фактор за лошиот исход на оваа болест. Според сите статистики и истражувања досега е утврдено дека кога има тешка невроинвазивна форма на воспаление на мозокот и мозочната обвивка напредната возраст е независен ризик фактор кој може да доведе до лош исход“,
кажа Цана.
Вкупно 15 пациенти се излекувани и отпуштени од Клиниката за инфективни болести.
Вчера на прес-конференција здравствените власти кажаа дека за моменталната состојба се известени сите инфективни одделенија, матични доктори и невролози што можат да дојдат во контакт со евентуално заболени пациенти. Беше посочено и дека возрасната граница се поместува, но и дека надлежните координирано постапуваат. Меѓу другото, фокусот е ставен и на таргетирано прскање од земја.
Во меѓувреме, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека вечерва на подрачјето на градот Скопје ќе се изврши 13. дезинсекција против комарци за оваа сезона, со теренски третман.
