Али Ахмети е разочаран што претседателите на албанските парламентарни политички партии, Зијадин Села, Африм Гаши, Билал Касами и Мендух Тачи го извисија на денешната средба. Наместо лидерите од албанскиот блок, кај Ахмети се појавија само новинарските екипи.
Тој во изјава за медиумите рече дека на 19-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор сакал да им се заблагодари на партиите за досегашните заеднички достигнувања, но и да ги повика да преземат одговорност за како што рече, „сето тоа што е пред нас и за што се очекува решение од наша страна, од сите нас кои баравме поддршка од граѓаните“.
Непојавувањето на Села, Гаши, Касами, Тачи, според Ахмети, значи дека му ја намалуваат силата и притисокот во преговорите за формирање влада.
На прашање дали ДУИ ќе оди во опозиција ако не добие премиер-Албанец, Ахмети рече дека не може да суди однапред за епилогот на преговорите.
„Но, запишете некаде, дека ДУИ делува и работи со ладна глава и со огнено срце“,
рече Ахмети.
ДУИ, како што кажа, ги има поставено црвените линии, Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, како и ветингот, но и премиерската позиција за Албанец.
„Но, сакам од нив да слушам која е причината за неприфаќање на премиерот. Мислам дека ова прашање ќе биде разјаснето по завршување на овој процес“,
рече Ахмети, кој потврди дека денеска ќе има средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Ахмети вели дека колку што се блиску, толку се и далеку од договор со СДСМ за ново владејачко мнозинство. Во однос на денешната средба со Заев, Ахмети рече дека не очекува денеска да се постигне договор.