Откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска изјави дека со 15 пратеници не може да се добие премиер, алудирајќи на барањето на интегративците, лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за весникот „КОХА”, вели дека премиер не може да се стане ниту со 46 пратеници.
„Ниту со 46 пратеници не се станува премиер. Во оваа ситуација, на сите инволвирани страни им е потребна смиреност, мудрост и да размислуваат за највисоките интереси на државата. Можам да кажам дека ДУИ е фактор на стабилност во земјата. Ние внимателно ги анализираме ситуациите, нема да брзаме. Секоја чекор што ќе го преземаме, ќе го направиме во интерес и корист на државата, мирот, стабилноста и унапредувањето на поголемите процеси, како што се Охридскиот договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство, спроведувањто на Законот за јазиците, борбата против криминалот и корупцијата. Но, во никој случај да не се избегнува од процесот на ветинг. Секој ќе биде во партнерство со нас ако се согласува со овие точки. Вклучувајќи го и премиерот”,
вели Ахмети.
По денешната конститутивна седница на Собранието Ахмети рече дека преговорите за формирање нова влада може да почнат, но оти уште нема ништо конкретно.
„Рано е да зборуваме за очекувањата“,
кажа Ахмети.
Претходно, Заев изјави дека сака да ги чуе размислувањата и идеите на ДУИ околу предлогот за ротација на премиерската позиција, но укажа дека на државата и е потребен премиер кој што ќе се зафати да работи.
„Не ни треба премиер кој ќе остварува политички агенди. Треба да размислуваме за премиер и министри кои ќе работат за државата и за граѓаните. СДСМ никогаш немал проблем со определбата на кој било кандидат, за која било функција во државата, но за премиер треба да се имаат бројки. Со 15 пратеници, премиер не се добива“,
рече Заев.
Заев е целосно уверен дека ќе обезбеди мнозинство пратеници кои ќе ја поддржат идната Влада, и тоа, според него ќе биде поголемо од потребното. Тој не сакаше да открие врз основа на која математика ја темели својата увереност.