Државната изборна комисија (ДИК) на јавна седница ги усвои конечните официјални резултати од предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули. Нема промени во споредба со конечните неофицијални резултати кои беа соопштени претходно, па во Собранието влегуваат:
46 пратеници од СДСМ и Коалицијата „Можеме“;
44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија;
15 пратеници од ДУИ;
12 пратеници од Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива;
2 пратеника од Левица;
1 пратеник од ДПА.
Заклучокот со резултатите ДИК едногласно го усвои со што и официјално заврши изборниот прцес, а околу 12 часот ќе има и свечена седница за доделување на уверенијата за пратеници.
Претседателот Оливер Дерковски, оцени дека процесот на гласање поминал одлично, а хакерскиот напад што се случи ноќта на објавување на резултатите не може да влијае на она што го сработила ДИК и на резултатите.
„Изборите не се само денот на гласањето. Од февруари наваму во еден петмесечен период ДИК беше во интензивни активности за организација на изборите. Изборите во специфични услови во кои се одвиваа завршија добро. Првпат организиравме избори во специфични услови во пандемија и мислам дека и јавноста ќе се согласи со нас дека првиот ден почина одлично, вториот исто така без забелешки и третиот ден помина одлично во смисла на организацијата, на спроведувањето на гласањето. Немаше никакви забелешки. И она што се случи вечерта со објавувањето на резултатите, сведоци сте дека бевме предмет на напад од надвор, но сметам дека тоа никако не може да се поврзе со процесот што го споменав претходно затоа што резултатите на изборите се утврдуваат на друг посебен начин и не може никако да влијае на тоа што ДИК го сработи“,
рече Дерковски.
На јавната седница во ДИК беа соопштени и резултатите и распределбата на мандати по изборни единици, па така 46-те пратеници на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ доаѓаат од: осум од Изборна единица (ИЕ) 1; седум од ИЕ2; девет од ИЕ3; десет од ИЕ4; осум од ИЕ5 и четири од ИЕ6.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ по изборни единици доаѓаат од: седум од ИЕ1; седум од ИЕ2; десет од ИЕ3; десет од ИЕ4; осум од ИЕ5 и двајца од ИЕ6.
15-те пратеници на ДУИ доаѓаат од: двајца од ИЕ1; тројца од ИЕ2; тројца од ИЕ5 и седум од ИЕ6.
Алијанса за Албанците и Алтернатива пратениците ги доби во: двајца во ИЕ1; тројца во ИЕ2; еден во ИЕ5 и шест во ИЕ6.
Двајца пратеници од Левица, пак, се по еден од ИЕ1 и ИЕ3.
Едниот пратеник на ДПА е од ИЕ6.
На овие десетти парламентарни избори право на глас имаа 1 814 263. Од нив 970 513 не го искористиле тоа право. Од оние што излегле на гласање, пак, важечки се 912 186, додека бројот на неважечки ливчиња изнесува 31 564.
Според бројот на гласови на ниво на држава, СДСМ и Коалицијата „Можеме“ освоиле 12 064 гласа повеќе од ВМРО-ДПМНЕ и „Обнова за Македонија“.
Точниот број на освоени гласови на партиите и коалициите кои влегуваат во парламентот е следен:
СДСМ и Коалицијата „Можеме“: 327 408 гласови или 35,89 %;
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“: 315 344 или 34,57 %;
ДУИ: 104 699 или 11,48 %;
Коалиција Алијанса за Албанците-Алтернатива: Околу 80 000 гласови или 8,95 %;
Левица: 37 426 или 4,1 %;
ДПА: 13 930 гласови или 1,53 %.
Објавувањето на конечните официјални резултати следува откако Управниот суд вчера ги одби и последните тужби од партиите. Судиите од овој суд не прифатија ниту една од вкупно поднесените 185 тужби.