Од компанијата посочуваат дека, иако во септември 2021 ги купиле топланите „Исток“ и „Запад“ од „Топлификација“ и основните средства за производство на топлинска енергија, сè уште немаат воспоставено никаков партнерски однос со БЕГ. До денешен ден, велат од компанијата, не им се предадени основните средства за производство на топлинска енергија и со нив управува БЕГ, а за расчистување на односите бараат и правна заштита од државата
На никаков начин не сме вклучени во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во градот Скопје и немаме никакво влијание и контрола врз квалитетот на истата, велат од „Адора инженеринг“, компанијата која пред околу четири месеци ги купи топланите „Исток“ и „Запад“ и најголемиот дел од останатиот имот на „Топлификација“ АД.
Оттаму велат дека немаат никакви ингеренции и улога во производството и испораката на топлинска енергија и одговорноста ја посочуваат кај „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).
„Иако ’Адора инженеринг‘ на јавна лицитација ги купи топланите ’Исток‘ и ’Запад‘, во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е ’Производство на топлина – Балкан енерџи’ ДООЕЛ Скопје. Групацијата БЕГ ги оперира и е одговорна за квалитетно производство и испорака на топлинска енергија во градот Скопје. Лиценцирани компании кои го снабдуваат градот Скопје со топлинска енергија се компаниите од групацијата БЕГ, која е единствен правен субјект кој го менаџира производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во главниот град“,
велат од компанијата.
Од „Адора инженеринг“ посочуваат дека иако во септември 2021 ги купиле топланите „Исток“ и „Запад“ од „Топлификација“ и основните средства за производство на топлинска енергија, сè уште немаат воспоставено никаков партнерски однос со БЕГ. До денешен ден, велат од компанијата, не им се предадени основните средства за производство на топлинска енергија и со нив управува БЕГ.
„До овој момент БЕГ нема партнерски однос за топланите со ’Адора инженеринг‘, иако законот е дециден дека купувањето на имот во стечај наметнува нови партнерски договори со новиот сопственик, ’Адора инженеринг‘. Производството на топлинска енергија е регулирана дејност за јавно добро на граѓаните, каде што еден од основните услови за добивање лиценца за производство на топлинска енергија е да си сопственик на топланите и основните средства за производство на топлинска енергија или да имаш договор за закуп на истите“,
велат од „Адора инженеринг“.
Исто така, во соопштението до јавноста од компанијата нагласуваат оти очекуваат правна заштита од државните институции за да се разрешат партнерските односи.