Од Алијанса за Албанците велат дека албанскиот јазик го има тоа право како автохтон јазик на овие простори и јазик кој денеска го зборуваат најмалку една третина од населението во земјата
Ја поздравуваме подготвеноста на премиерот да седне и да разговара за отстранување на „20 проценти“ и да се дефинира албанскиот јазик со Уставот, еднаш засекогаш, како албански јазик, велат од Алијанса за Албанците (АА) по денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека за уставните измени сите политички партии треба да седнат на маса и да дискутираат.
Од АА, од каде претходно најавија дека замена на формулацијата „20 проценти“ со „албански јазик“ ќе биде еден од условите за поддршка за вметнување на бугарскиот народ во Преамбулата на Уставот, велат дека албанскиот го има правото како автохтон јазик од овие простори кој денеска го зборуваат најмалку една третина од населението во Северна Македонија.
„Ги предупредуваме сите политички актери дека кога се отвора темата за 20 проценти, нивниот пристап е погрешен, застарен и со трговска логика. Затоа, ве повикуваме да го промените овој пристап! Уставот треба да ги одразува вредностите кон кои сме ориентирани како држава и општество. Секој мора да разбере дека тој не е монарх, туку шеф на политички субјект и дека политичките, социјалните и етничките права на граѓаните им припаѓаат само на граѓаните, а не на монархот кој едно право го условува со друго право. Албанскиот јазик во Уставот на Северна Македонија го има правото од минатото како автохтон јазик во овие земји, денешно право како јазик што го зборува најмалку една третина од вкупниот број на населението. Концептот на Уставот треба да биде прозападен што им дава слобода на граѓаните, а не на болшевиците коишто им ја ограничуваат слободата“,
велат од АА.
Сепак, пред да седне да се разговара ова на маса со сите политички партии, од Алијанса велат дека прво албанските партии како политички фактор треба да изградат единствен став без да се натпреваруваат меѓу себе околу ова прашање. Понатаму, според АА, треба да седнат да разговараат четирите најголеми партии.
„За форматот на разговорите поврзани со ова прашање и други грижи надвор од албанскиот политичкиот фактор, сметаме дека ова прашање добива сериозност кога на маса ќе седнат четирите најголеми политички субјекти во државата“,
велат од Алијанса.
В.д. претседателот на оваа партија Арбен Таравари вчера најави дека партијата подготвува цел пакет мерки кои ќе бидат услов за поддршка за останатите уставни измени поврзани со преговорите со ЕУ.
Со ист став излезе и втората опозициска партија од албанскиот блок, Беса.
Премиерот Ковачевски, пак, денеска рече дека е добро што се отворила дебата за уставните измени и порача дека треба сите партии да седнат и да разговараат на оваа тема.
„Добро е што се разговара за уставните измени, гледате дека се отвори дискусија. Сметам дека тоа треба да биде процес кој се одвива како и досега, низ процедура која е пропишана со нашите закони. Штом ќе биде отворена таква процедура кога ќе се види дека има консензуална волја тоа да се направи, а гледам дека сите политички партии веќе имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои беа изречно против сега кажуваат дека врз основа на одредени услови би поддржале уставни промени. Сметам дека треба да се седне на маса, сите политички партии, да го кажат својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите“,
рече денеска Ковачевски.