Американскиот претседател објави на Твитер дека тој и неговата сопруга Меланија се заразени со новиот коронавирус и дека ќе бидат во карантин
Американскиот претседател Доналд Трамп предмалку објави дека тој и неговата сопруга се позитивни на новиот коронавирус. На социјалната мрежа Твитер тој напиша:
„Вечерва (по американско време н.з.) првата дама на САД и јас имавме позитивни резултати на ковид-19. Веднаш ќе го почнеме нашиот карантин и процесот на оздравување. Ќе го надминеме ова ЗАЕДНО!’
Во соопштението до медиумите, испратено околу 1 часот наутро по американско време, лекарот на Трамп напишал дека добил потврда за позитивните тестови во четвртокот вечерта.
„Претседателот и првата дама се добро во овој момент и тие планираат да останат дома во Белата куќа за време на нивното закрепнување“,
напиша Шон Конли.
На возраст од 74 години и со прекумерна тежина, Трамп спаѓа во ризичната категорија, која може да развие сериозни компликации од вирусот ковид-19, кој уби повеќе од 200 000 Американци и над 1 милион луѓе ширум светот, коментира Си-ен-ен откако американскиот претседател извести дека е заразен.

Според Си-ен-ен, неговата инфекција со вирусот може да биде дестабилизирачка во веќе оптоварената политичка клима.
САД се силно погодени од новиот коронавирус, а претседателот Трамп во изминатите месеци, од почетокот на пандемијата, константно ги критикува Кина и Светската здравствена организација, на која ѝ го замрзна финансирањето, затоа што дозволиле ковид-19 да добие глобални размери.
Кон средината на јули, Трамп првпат од почетокот на пандемијата се појави со заштитна маска во јавноста.
Пролетта, Трамп предизвика многу реакции во јавноста, посебно во експертските медицински кругови, кога предложи лекување на пациентите со ковид-19 со вбризгување дезинфициенси во човечкото тело. Потоа тврдеше дека бил саркастичен.