Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека бил саркастичен кога предложи лекување на пациентите со ковид-19 со вбризгување дезинфициенти во човечкото тело.
Тој предложи истражување на невообичаени методи за лекување на коронавирусот, меѓу кои и употреба на ултравиолетови зраци.
„Гледам дека дезинфекцијата го убива вирусот за една минута, буквално за една минута. Дали постои начин да направиме такво нешто со негово инјектирање или со целосно чистење? Би се влевало во белите дробови, би било интересно да се провери тоа“,
рече Трамп на брифингот со новинарите.
Сепак, во јавноста неговата изјава не беше сфатена како сарказам.
Агенцијата за управување со кризи во Мериленд објави дека по говорот на Трамп, добиле повеќе од 100 повици од граѓани кои поставувале прашања за употреба на дезинфекционите средства како лек за ковид-19.
По неговата изјава, реагираа и здравствени експерти, но и компаниите кои произведуваат такви средства и апелираа граѓаните да не помислуваат да ги пијат или на било кој начин да ги инјектираат во своето тело, посочувајќи дека последиците може да бидат фатални.
Трамп го даде предлогот на прес-конференција откако му беше претставен извештај од советникот за наука и технологија во службата за безбедност Вилијам Брајан, во кој се тврди дека ултравиолетовите зраци и топлината имаат моќно влијание врз патогените. Во студијата се наведува и дека избелувачот може да го уништи вирусот од плунката во рок од пет минути, додека исопропил алкохол може да го уништи за минута.
На новинарско прашање до Брајан да даде стручен коментар на тврдењето на Трамп, тој кусо одговори дека федералните лаборатории не размислуваат за таква опција за третман, додавајќи дека топлината и влажноста не го убиваат вирусот, без да се практикува социјално дистанцирање.
На ова, Трамп додаде: „Можеби функционира, можеби не“.
Поврзана вест:
Производителот на „вениш“ по изјавата на Трамп – не пијте ги и не вбризгувајте ги нашите производи