Трамп и Бајден жестоко се судрија околу менаџирањето на Трамп со корона-кризата, економијата и даноците
Првата од трите планирани дебати на двајцата претседателски кандидати беше обележана со постојаните упади на Трамп
Во многу хаотична атмосфера на меѓусебни навреди и упади, кандидатот на демократите Џозеф Бајден и актуелниот претседател и кандидат на републиканците за уште еден мандат, Доналд Трамп, се соочија во првата од трите планирани дебати во пресрет на изборите во ноември. Таа се одржа во Кливленд и беше во организација на Фокс њуз.

Бајден уште на самиот почеток го нападна Трамп за начинот на кој се справува со кризата со коронавирусот и истакна дека бил во паника и не успеал да ги заштити Американците.
„Направивме одлична работа. Вие никогаш не би направиле толку добра работа, тоа не е во вашата крв“,
му возврати Трамп.
Понатаму, Бајден го обвини Трамп за одлуката да ги укине сите ограничување во економијата по цена и на човечки животи, додека Трамп му рече дека Бајден кога би бил на негово место би ја жртвувал економијата, а земјата би ја ставил во карантин.
Бајден до Трамп: Дали конечно ќе замолчиш?
Според оценката на аналитичарите, однесувањето на синоќешната дебата на двајцата кандидати било непрепознатливо, со честите меѓусебни упади во збор – често зборувале истовремено, додека водителот Крис Валас е обидуваше да ги смири. Но согласни се дека Трамп далеку го надминал Бајден во тоа.
„Искрено, вие сте поагресивен. Ве молам, оставете го потпретседателот да зборува“,
му порача во еден момент водителот Валас на Трамп.
Бајден во неколку наврати му се обраќаше на Трамп со зборовите „кученцето на Путин“ и „кловн“, а во еден момент од дебатата изнервиран од упадите му рече: „Дали конечно ќе замолчиш?“
Во анализите на однесувањето на двајцата кандидати, медиумите се согласни дека Трамп бил поагресивен, а Бајден поумерен и во дебатата за политичките прашања, вклучувајќи ја и пандемијата, од која во САД досега починаа 200 000 луѓе, протестите против расната дискриминација и борбата за превласт во Врховниот суд.
„Вие сте најлошиот претседател што Америка некогаш го имала“,
го обвини Бајден Трамп додавајќи дека би било добро да престане да игра голф и да почне нешто да работи.
„За 47 месеци направив повеќе отколку ти за 47 години“,
му одговори Трамп.
„Сите знаат дека е лажго“
Првите петнаесет минути од дебатата беа посветени на номинирањето на судијката Ејми Кони Барет за судија во Врховниот суд, по смртта на Рут Бадер Гинсбург, чиј избор мора да биде потврден во Сенатот, кој во моментов е под контрола на републиканците.

И додека Трамп инсистира гласањето да биде по е можно поскоро, Бајден повтори дека гласањето ќе биде по изборите. Демократите се обидуваат да ја одложат гласањето и сметаат дека новиот претседател треба да донесе одлука за тоа кој ќе ја извршува оваа доживотна функција. Бајден притоа не одговори на прашањето дали би поддржал зголемување на бројот на судии во Врховниот суд доколку победи на изборите.
Дебатата потоа се префрли на здравственото осигурување, една од клучните разлики во политиките на двајцата кандидати.
Откако Трамп го објасни својот предлог, Бајден кусо искоментира: „Тој нема здравствен план… факт е дека овој човек не знае за што зборува“, и додаде, „сите знаат дека е лажго“.

Како дел од темата за економијата, модераторот го праша Трамп дали се точни извештаите објавени во Њујорк тајмс според кои тој платил 750 долари федерален данок во 2016 и 2017 година.
„Сум платил милиони долари данок, но не сакам да плаќам ако имам загуби“,
рече тој.
Весникот објави дека Трамп, од изминатите 15 години, дури 10 не ѝ плаќал данок на државата, и покрај тоа што во 2018 година заработил 427,4 милиони долари од неговите реални шоуа и други лиценцирани проекти.
Во пресрет на дебатата, Бајден ги објави своите даночни пријави за 2019 година, кои покажуваат дека тој и неговата сопруга лани платиле 299 346 американски долари федерален данок.

На прашањето, дали смета дека треба да биде реизбран, Трамп рече дека ниту еден претседател не направил повеќе за земјата од него.
„САД никогаш немале администрација што го направила ова што јас го направив“,
се пофали Трамп себеси споменувајќи ги тука, меѓу другото, економијата и националното единство.
Трамп го нарече Бајден марионета на радикалната левица
Трамп и Бајден се судрија и околу прашањето за расна дискриминација, каде што Бајден го обвини Трамп дека е расист и дека предизвикува расна омраза.
Трамп му возврати дека кога бил сенатор, Бајден гласал за законот од 90-тите години на штета на Афроамериканците.
На прашањето дали би ги осудил белите врховисти, Трамп одговори: „Секако, сакам да го сторам тоа“, но директна осуда не кажа, при што се надоврза дека најголемото насилство во земјата доаѓа од крајната левица.
По завршувањето на дебатата, американските медиуми објавија дека кампањата на Бајден собрала рекордни 3,8 милиони долари за само еден час, јавија американски медиуми.
Дебатата веќе доби епитет на најлоша во американската историја. Следната е закажана за 15 октомври во Мајами, и ќе се води во формат на форум, во која неопределените гласачи ќе поставуваат прашања.
Сè според епидемиолошки правила
Претседателските кандидати не се ракуваа на самиот влез, додека дебатата ја одржаа на растојание според сите епидемиолошки протоколи.

На сцената дојдоа истовремено, при што модераторот објасни дека нема да има ракување. Тој, исто така, рече дека кандидатите не добиле прашања однапред и дека ги избрал темите.
Деведесетминутната дебата беше на Универзитетот во Кливленд со ограничен број на гледачи, поставени на физичко растојание.
Според организаторите, имало околу 80 лица во публиката, исклучиво членови на семејството, вработени во кампањата, здравствени и безбедносни службеници и новинари.
Во пресрет на изборите на 3 ноември, според анкетите, Бајден (77) има постојана предност во однос на Трамп (74).
Анкета на Си-би-ес њуз покажа дека 48 отсто од гледачите веруваат дека Џо Бајден победил на дебатата, додека за 41 отсто Трамп е победник. Десет отсто не можат да издвојат јасен победник.