Се следи развојот на сите потенцијални вакцини, но за ниту една клиничките испитувања не се завршени
Далеку сме од тоа да одлучиме која вакцина ќе се користи кај нас бидејќи нема ниедна со целосно завршени клинички испитувања, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање, дали имаат контакти со руските власти за вакцината наречена „Спутиник 5“.
Контакт има, но нема одговор на дополнителните прашања од нашите здравствени власти.
„Го следиме развојот на сите вакцини. Имавме комуникација со рускиот амбасадор до кого упативме дополнителни прашања за динамиката и фазата во која се наоѓа вакцината, но сè уште немаме одговори. Следиме и што се случува со близу десетина компании кои се во најнапредна фаза на клинички испитувања. Но, далеку сме од тоа да одлучиме која вакцина ќе се користи бидејќи нема ниедна со целосно завршени клинички испитувања“,
рече Филипче.
Нашата земја е дел од глобалниот план Ковакс на СЗО кој ќе обезбеди фер распределба на вакцините за сите земји, независно од нивниот економски развој и Алијансата за имунизација. Кон крајот на минатиот месец, Филипче во интервју за „Слободен печат“ говореше за набавката на оксфордската вакцина на „Астра Зенека“, која ќе се користи во земјите членки на ЕУ.
Руската вакцина е една од 170-те потенцијални на кои се работи во светот, а нејзината употреба доби зелено светло од тамошните агенции.
Но, група научници неодамна преку отвореното писмо во списанието „Нејчр“ предупредуваат дека податоците за руската вакцина против ковид-19 се нецелосни, има недоследности и повторување, што не е својствено во реалноста.
Тие реагираат на студијата за „Спутник 5“, објавена овој месец во медицинското списание „Лансет“.
Поврзана вест: