Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека министерот за здравство Венко Филипче не го исполнил ветувањето што им го дал на своите колеги, а тоа дека ќе постави обезбедување во болниците за да нема напади кон лекарите, како тој што се случил вчера на Клиниката за токсикологија.
„Додека е Филипче министер, се случија десетина физички напади врз лекари и е загрозен нивниот живот. Нападите врз лекарите се почести од кога и да е порано. Филипче на 18 септември на протест на лекарите и медицинските работници под мотото ‘Стоп за насилство врз здравствени работници’, на кој и самиот лицемерно присуствуваше, вети дека ќе обезбеди физичко обезбедување на болниците и дека нема да дозволи нови лекарски жртви. Филипче излажа“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека ветено било 24-часовно обезбедување на болниците и видеонадзор со цел да нема напад врз лекарите.
„На протестот на лекарите Филипче вети и дека ќе го изедначи нападот врз лекар и медицинско лице со нападот врз службено лице, и ќе влезе во закон како најригорозно регулирано, за никој да не се осмели да нападне лекар. Тоа не се случи. Лекарите се жртви на напади и понатаму“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.