Лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас му порача на актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис дека во врска со Договорот од Преспа им должи извинување на сите Грци „кои ги измами“, односно „извинување што партијата ја стави над татковината и ги наполни Грците со лаги, омраза и поделби“.
„Кога го решивме, како што наметнаа интересите на нашата земја, долгогодишното нерешено прашање со нашите северни соседи со Договорот од Преспа, одбраа да ја кренат земјата на нозе. Денес премиерот на Северна Македонија ги фали за верното почитување на договорот од нивна страна. Господинот Мицотакис, не само што се сретнува со него, а велеше дека никогаш нема се сретне, туку и се бори за спроведување на Договорот. Јас ја поздравувам промената на ставот на господинот Мицотакис, бидејќи ѝ служи на националниот интерес“,
рече Ципрас, пренесе МИА.
Тој ваквите пораки ги упати во неговото обраќање на форум во Солун насловен „Thessaloniki Helexpo Forum“.
На оваа тема тој зборуваше уште еднаш во текот на денешниот ден, кога четири часа одговараше на новинарски прашања. Како што пренесе МИА, Ципрас рекол дека „за одредените доцнења во имплементацијата на Договорот од Преспа, половина од одговорност е на Владата на соседната земја, а половина на грчката Влада, но соседната земја има и едно оправдување, не е само пандемијата, туку и фактот што долг период имаше техника влада“.
Во таа насока, тој ѝ порача на грчката влада дека штом веќе го почитува и се бори за Договорот, да се погрижи за придржување кон него.
Ципрас пред новинарите изјавил и дека многу бргу била потврдена оправданоста на неговата одлука да го потпише Договорот.
„Верувам дека многу, не сите, но многу од нашите сограѓани кои што беа загрижени, кои сметаа дека е некорисен договор, денес сфаќаат колку беше корисен за земјата. Замислете си сега, кога имаме закана од Турција во Егејското море и во Источниот Медитеран, да имавме турски војски во Скопје, а воздушниот простор да го надгледуваа турски Ф-16. Замислете“,
рече Ципрас.