Вицепремиерот посочи дека е потребно и укинување на одредени државни установи и институции кои се нефункционални
Сите што ќе конкурираат за директори на јавни и државни претпријатија, како и за функции што ги именува Владата, во иднина ќе мора да поднесат план и програма за работа за да влезат во комбинација за избор на функцијата.
Ова го најави новиот вицепремиер за спречување корупција, за одржлив развој и за човечки ресурси Љупчо Николовски, на брифинг со новинари. Тој рече дека овој принцип ќе важи од овој момент, односно од сите следни именувања на функции, со оглед на тоа што претстои комплетирање на третиот ешалон на извршната власт.

Николовски, кој е претседател на кадровската комисија во Владата, рече дека тоа важи и за функционерите на СДСМ, но и за тие на ДУИ, посочувајќи дека двете партии, сепак, се партнери во иста влада.
Николовски и денеска ги потврди намерите за кратење на функционерските бенефиции, но и на дискрециските права на министрите и другите функционери. Посочи дека е потребно и укинување на одредени државни установи и институции кои се нефункционални.